Израел

Продолжуваат борбите во Појасот Газа

02.05.2024 09:50

Продолжуваат жестоките борби во Појасот Газа и покрај интензивирањето на разговорите за примирје меѓу Израел и Хамас. Меѓународната заедница бара и Тел Авив да се откаже од офанзивата во Рафа, а Хамас да ја прифати понудата која е на маса за прекин на огнот во енклавата...

Во исчекување на одговорот од Хамас на предлогот за прекин на огнот, Израел ги продолжи борбите во Појасот Газа. Вашингтон бара од Тел Авив да се откаже од офанзивата на Рафах, а Хамас без одложување да го прифати договорот за примирје.

Израел направи важни компромиси во предлогот што е на маса, демонстрирајќи желба и подготвеност да го постигне овој договор. Хамас треба да одлучи дали ќе ја искористи оваа понуда и ќе ја унапреди ситуацијата за која тврди дека се грижи. За Рафах, нашиот став е јасен и непроменет“, изјави Ентони Блинкен – државен секретар на САД.

Од друга страна, Нетанјаху не сака да го повлече планот за напад на пренаселениот град на југот. Одбраната е на готовс.

„Решени сме да преземеме каква било акција за да ги вратиме нашите заложници, тоа е морално исправно и е воена цел. По мои инструкции, генералштабот се подготвува да изврши оперативна мисија во областа Рафах“, изјави Јоав Галант – министер за одбрана на Израел.

Стоите со скрстени раце додека Израел се обидува да ја уништи палестинската држава – обвини палестинскиот амбасадор во ООН.

„Не можете да кажете дека го поддржувате решението за две држави и да стоите со скрстени раце, додека Израел отворено се обидува да ја уништи палестинската држава, како што призна и Нетанјаху“, изјави Ријад Мансур – палестинскиот амбасадор во ООН.

„Не направивте ништо за жртвите, туку се мобилизиравте за убиствата. Не ги исполнувате критериумите за државност. Ниту еден палестински лидер не го осудил Хамас или нивниот масакр“, изјави Гилад Ердан – израелски амбасадор во ООН.

Во меѓувреме, колумбиските власти најавија дека ги прекинуваат дипломатските односи со Израел поради војната во Газа. Во САД продолжи апсењето и расчистувањето на пропалестинските демонстрации на универзитетите ширум земјата.

 

Бојана Крстевски