Советот на човекови права на ООН го оценува почитувањето на човековите права во Македонија
Работната група на Советот на човекови права на ООН попладнево ќе ги разгледува извештаите за почитувањето на човековите права во земјата. Ова е редовен, четврти по ред преглед на ситуацијата во оваа област, по претходните направени во 2009, 2014 и 2019 година. На што се темели оваа евалуација и кои области се опфатени во прегледот…

Разгледувањето за Македонија е предвидено да започне попладнево на редовниот состанок на Работната група на Советот за човекови права во Женева, кој започна на 29 април и ќе трае до 10 мај.
Нашата земја не е единствената на дневниот ред, има уште 13 други земји. Пред членовите на групата составена од 47 земји членки, ќе бидат претставени „Националниот извештај – информации обезбедени од страна на нашата државата; информации содржани во извештаите на независни експерти за човекови права и групи, познати како специјални процедури, договорни тела за човекови права и други ентитети на ОН; и информации обезбедени од други засегнати страни, вклучувајќи ги националните институции за човекови права, регионалните организации и групите за граѓанско општество“.
Во дебата можат да учествуваат претставниците на 193 земји членки.
Во извештаите од повеќе агли, се опфатени повеќе теми и прашања. На прво место меѓународни обврски и соработката на земјата со механизмите за човекови права. Тука се вели дека Меѓународната кампања за укинување на нуклеарното оружје го изрази своето жалење поради недостатокот на поддршка од Република Северна Македонија за Договорот за забрана на нуклеарното оружје.
Борба против говорот на омраза
Од националните обврски за рамките на човековите права, се забележува дека сè уште се чека на измената на законот за Народниот правобранител во согласност со начелата за статусот на националните институции за унапредување и заштита човекови права (Париски принципи). Како и на усвојување ефективно законодавство насочено кон спречување и борба против говорот на омраза на Интернет.
Во извештајот понатаму се зборува за рамноправноста и не-дискриминацијата, правото на живот – кој се оценува како задоволително, и да лицата да не бидат изложени на тортура.
Има препораки во областа на здравствената заштита, образованието, забележани се измените на законодавството за заштитата на ранливите категории како жените и децата. Се опфаќа и реформата на судската администрација, функционирањето на правната држава и неказнивоста, засилувањето на капацитетите на силите на редот итн.
Посебно внимание е посветено на забрана на сите форми на ропство, вклучително и трговија со луѓе, тука се наведува дека се регистрирани 68 жртви на трговија со луѓе во периодот од 2019 до септември 2022 година и се идентификувани вкупно 149 потенцијални жртви на трговија со луѓе меѓу 2019 и 2022 година. За жал, бројот на регистрирани жртви значително се намали, од 124 во 2019 година на само шест во 2020 година, поради недоволно фондови за оваа борба.
За малцинствата, посебно се осврнува на првото на ромското малцинство и на ЛГБТ заедницата во земјата. Усвојувањето на извештајот за нашата земја е предвиден за 8-ми мај вечерта.
Тони Гламчевски
