Kоалицијата „Храбро за Македонија“ на средби со граѓаните ја презентираа изборната програма
Носителите на кандидатските листи од првата и втората изборна единица од коалицијата „Храбро за Македонија“ на средби со граѓаните, ја презентираа изборната програма. Дел од проектите: нови пензионерски домови во секој град, 18.000 денари постојана парична помош. Во економијата се планираат капитални инвестиции, гасификација, изградба на пречистителни станици.

Коалицијата „Храбро за Македонија“ предлага мерки со кој најподдржани и најзаштитени би биле примателите на постојана парична помош, примателите на нега од друго лице, инвалидите. Ова на средба со граѓаните го посочи носителката на листата во првата изборна единица Добрила Андоновска. Дел од мерките во програмата се и зголемување на постојаната парична помош на 18.000 денари и мерки со кои придонесот во случај на невработеност од 1, 25 проценти би се зголемил на 3 проценти. Во програмата „Храбро за Македонија“, проекти наменети и за пензионерите.
Економска платформа
Носителот на листата во ИЕ 2, Љупчо Ристовски ја претстави економската платформа за економски препород на Македонија. Тој предлага да се отвори пазарот за една слободна финансиска зона на потегот Скопје-Охрид-Струмица за приватни инвестициски фондови. Капиталните инвестиции наместо да служат за корупцијата на властите, ќе ги ставиме во служба на населението, вели Ристовски кој ги повика граѓаните да го заокружат бројот 3.
Во програмата „Храбро за Македонија“се предвидува изградба на пречистителни станици, 11 хидроцентрали на Вардар за да се зголеми енергетскиот потенција на земјава, гасни централи, стимулации за намалување на потрошувачката на струја и изградба на нови капацитети. Оваа коалиција предлага хидроцентралите Чебрен и Галиште и Бошков мост да се градат со државни пари.
Викторија Милевска
