Израел не запира со нападите врз Газа
Израелски напади во појасот Газа во близина на Кан Јунис. Борбите продолжени во исчекување на одговорот на Хамас на предлогот за прекин на огнот. Тел Авив е подготвен за договор-тврди САД, повикувајќи ги милитантите да го прифатат примирјето. Демонстрантите бараат крај на војната и ослободување на заложниците...

Израелски напади во Појасот Газа во близина на Кан Јунис. Борбите продолжени во исчекување на одговорот на Хамас на предлогот за прекин на огнот. Во Тел Авив состанок на воениот кабинет. Вашингтон бара од Израел да се откаже од офанзивата на Рафах, а Хамас без одложување да го прифати договорот за примирје.
Се чека одлука од Хамас за договорот за примирје
„Израел направи важни компромиси во предлогот што е на маса. Хамас треба да одлучи дали ќе ја искористи оваа понуда и ќе ја унапреди ситуацијата за која тврди дека се грижи. За Рафах, нашиот став е јасен и непроменет“, изјави Ентони Блинкен, државен секретар на САД.
Нетанјаху не се откажува од целите на војната. Одбраната е подготвена.
„Решени сме да преземеме каква било акција за да ги вратиме нашите заложници. Генералштабот се подготвува да изврши оперативна мисија во областа Рафах“, изјави Јоав Галант, министер за одбрана на Израел.
Обвинувања во Советот на ООН
Стоите со скрстени раце додека Израел се обидува да ја уништи палестинската држава – обвинувања во Советот на ООН.
„Не можете да кажете дека го поддржувате решението за две држави и да стоите со скрстени раце, додека Израел отворено се обидува да ја уништи палестинската држава, како што призна и Нетанјаху“, изјави Ријад Мансур, палестински амбасадор во ООН.
„Не направивте ништо за жртвите, туку се мобилизиравте за убиствата. Не ги исполнувате критериумите за државност. Ниту еден палестински лидер не го осудил Хамас или нивниот масакр“, изјави Гилад Ердан, израелски амбасадор во ООН.
Колумбиските власти најавија дека ги прекинуваат дипломатските односи со Израел поради војната во Газа. Во САД продолжи апсењето и расчистувањето на пропалестинските демонстрации на универзитетите ширум земјата.
Бојана Крстевски
