Избори 2024

Османи: Без двојно мнозинство нема функционално Собрание и Влада

02.05.2024 14:24

Османи вели, според Рамковниот договор без двојно мнозинство не може да има функционално Собрание и Влада и не се однесува само за Албанците, туку за сите немнозински заедници...

Никогаш наша цел не била да бидеме посакуван партнер на ВМРО-ДПМНЕ или СДСМ, туку да бидеме партнер на народот – вели Бујар Османи од Европскиот фронт. За него навредливо е размислувањето што доколку некој формира влада без ДУИ, обезбедувајќи 61 пратеник. Османи вели, според Рамковниот договор без двојно мнозинство не може да има функционално Собрание и Влада и не се однесува само за Албанците, туку за сите немнозински заедници.

Рамковниот договор има механизам за заштита на немнозинските заедници, а не е создаден заради мнозинската заедница. И затоа, покрај 61 пратеник како мнозинство, се бара и Бадентерово мнозинство. Оттука сите обиди да се потцени волјата на немнозинското население се јалови, рече Османи.

Изборите се референдум за соживотот

Овие избори се референдум за соживотот, смета Бујар Османи. Вели дека Европскиот фронт предводен од ДУИ останува најстабилна евроатлантска ориентација како единствена патека што ја води земјата кон безбедност и иднина. Повика на 8-ми мај граѓаните да го поддржат Европскиот фронт и со тоа да ја зајакнат позицијата на сите етнички заедници со што ќе се стави јасно до знаење дека сите се против зајакнување на мајоризацијата.

Коалицијата се надева на повеќе од 20 пратенички мандати со што, како што тврди Османи, ќе биде обезбедено мнозинството според Бадентер.

За Европскиот фронт, САД остануваат главен партнер и сојузник, а партнерството опфаќа клучни области за понатамошната соработка. Безбедност на земјата, владеење на правото, економски и културен развој и идно укинување на визниот режим.

Ги повикуваме поддржувачите на опозицијата да го поддржат Европскиот фронт и да ја зајакнат позицијата на албанците и сите други етнички заедници, против арогантното однесување на Мицковизмот, вели Османи.

 

Миле Ристески