Избори 2024

Левица: Да се стави крај на владеењето на криминогените партии

02.05.2024 14:33

И Левица на средби со граѓани, но испратија порака и до младите. Најавија радикална антикорупциска платформа и нов закон за потекло на имот на сите носители на јавни функции и тоа од почетокот на транзицијата до денес...

Мора да се стави крај на владеењето на криминогените партии. Да се воведе незастарливост на криминалот извршен од страна на јавните функционери, порача носителката на ИЕ 5 на Левица, Јована Мојсовска.

Ги повика младите да се обединат околу идејата на оваа партија, бидејќи според неа корумпираните и истрошени политички елити нема што да понудат.

Најекстензивна и најинклузивна социјална програма

Носителот во ИЕ 3 Борислав Крмов, вели дека програмата на Левица од меѓународниот фактор, била оценета како најекстензивна и најинклузивна социјална програма.

Левица денеска беше на средба со Здружението на слепи лица во Штип. Тие се надеваат на соработка и дека нивните идеи и планови ќе бидат преточени во закон.

Линеарно покачување на пензиите, 2/3 повисоки пензии во однос на минималната плата, државни пензионерски домови, намалување на старосната граница за пензионирање и тоа: 60 години за жени, 62 години за мажи се дел од предизборните ветувања на Левица.

 

Александра Велинова