СДСМ ги продолжува предизборните активности
Очекувам поддршка од граѓаните чии претседателски кандидати испаднаа во првиот круг, изјави Пендаровски на средба со граѓаните на Штип. Ковачевски со осуда на националистичката реторика во изборните кампањи на ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ...

„Силјановска не ги знае надлежностите на претседателот, прво вели дека е добро нашето членство во НАТО, но е против Преспанскиот договор. Вели дека нема ништо против европската преговарачка рамка, но не споменува промена на Устав, без што не може да се продолжи понатаму. Заговара граѓански Устав со кој ќе се редефинира рамковниот договор“. Вака претседателскиот кандидат на СДСМ и коалицијата „За европска иднина“се обрати пред граѓаните на Штип и додаде дека лидерот на опозицијата ги уценува партиите кои очекуваат да бидат дел од идната влада да ја поддржат Силјановска- Давкова на претстојните двојни избори. „Ние не се молиме на партиските лидери за гласови, уверени сме дека ќе ја добиеме поддршката од гласачите чии кандидати испаднаа во првиот круг“, порача Пендаровски од Штип.
Изборните резултати на осми мај ќе покажат кој ќе формира влада, односно кој ќе обезбеди мнозинство од 61 пратеник, вели лидерот на СДСМ Димитар Ковачевски. Во поглед на националистичката реторика која е присутна во изборите, упати јавна осуда кон Али Ахмети за несоодветното скандирање на митингот на ДУИ на плоштадот Македонија, а упати апел и до лидерот на опозицијата Мицкоски и претседателскиот кандидат Силјановска-Давкова.
Граѓаните сакаат да живеат во стабилна Македонија, во држава со извесна иднина, интегрирана во развиениот свет, пред сè во Европа. За да се постигне тоа од СДСМ и коалицијата „За европска иднина“ повикуваат на мобилизација на осми мај за се спречи, според нив, враќањето на режимот. Пендаровски во Штип истакна дека по сите политички, логистички и разузнавачки специфики, сегашното ВМРО-ДПМНЕ ќе биде режим број два и доколку дојдат на власт, според него, повеќе нема да има демократски избори, а бранот на иселување од земјата ќе се зголеми уште повеќе.
Славица Величковска
