Блиски Исток

Израелската војска продолжува со нападите во Газа

03.05.2024 09:49

Жестоки борби во Појасот Газа. Во израелски напад е погодена и зграда на сириските безбедносни сили во Дамаск. Се интензивираат и преговорите меѓу Израел и Хамас за постигнување примирје.

Во израелски напад е погодена зграда на сириските безбедносни сили на периферијата на Дамаск, осум војници се повредени. Војската на Израел ги продолжи и нападите во Појасот Газа. Во Каиро се очекува конечниот одговор на Хамас.

„Предлогот на маса ги исполнува повеќето барања што Хамас ги постави во претходните рунди преговори, па веруваме дека сега е на нив да го прифатат договорот“, изјави Метју Милер, портпарол на Стејт департментот.

Нетанјаху повторно предупредува дека ќе направат сè за да победат, вклучително и напад во Рафа.

„Ќе направиме сè што е потребно за да ги победиме нашите непријатели, вклучително и во Рафа, да ја обезбедиме нашата иднина. Имаше разлики во нашите размислувања за операциите, но на крајот донесов одлука“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.

Пропалестинските протести се шират. САД уапсија над 2.000 демонстранти. Бајден со порака-во Америка нема место за антисемитизам.

„Да се заканувате и влевате страв кај луѓето не е мирен протест, тоа е спротивно на законот. Несогласувањето е суштинско за демократијата, но не смее да доведе до неред. На ниту еден кампус, па ниту во Америка, не треба да има место за антисемитизам или закани за насилство врз еврејските студенти“, изјави Џо Бајден, претседател на САД.

Турција целосно ја прекина трговијата со Израел. Социоекономските влијанија од војната во Газа се зголемуваат експоненцијално, вели претставник на ОН.

„Загубите од БДП-то веќе се за 25% помали во однос на проекциите за шестмесечни борби, а се очекува да достигнат 29 насто доколку борбите продолжат. Сиромаштија се зголеми од 38 на 60 проценти. Ако борбите продолжат уште три месеци индексот на човечки развој во Палестина ќе се уназади за 20, а во Газа за 40 години“, изјави Абдала ал Дардари, директор на Биро за развој на арапски држави на ООН.

Агенцијата најави дека реконструкцијата на Газа ќе чини 30 до 40 милијарди долари, а за тоа ќе биде потребен огромен напор каков што не е виден од Втората светска војна.

 

 

Бојана Крстевски