Охрид преполн со туристи
И покрај променливите временски услови Охрид е преполн со туристи. Продолжениот викенд привлече голем број гости од земјава, но и од целиот регион кои одлучија празниците да ги минат во балканскиот Ерусалим. Тоа е добра најава пред почетокот на туристичката сезона...

Првомајските и велигденските празници ги исполнија хотелските и индивидуалните сместувачки капацитети на охридското крајбрежје. Покрај домашните гости во Охрид допатуваа туристи од регионот, но и гости од други земји во светот кои доаѓаат во рамките на Балканските кружни тури.
„Најмногу не привлекуваат искрената љубезност, убавината, културно историските споменици. Нашите народи меѓусебно се уважуваат и сакаат и овде се чувствуваме добредојдени“, вели турист од Србија.
„Доаѓав во Охрид како средношколка, а потоа на брачно патување и дури сега доаѓам повторно. Охрид толку многу се сменил, многу е поубав. Баш сум среќна што повторно сум овде“, вели туристка од Србија.
Продолжениот викенд влева оптимизам кај охриѓани, бидејќи првомајските и велигденските празници отсекогаш биле индикатор каква туристичка сезона можат да очекуваат.
„Можеме да кажеме дека сме задоволни од исполнетоста за време на првомајските и велигденските празници. Најголем дел од гостите се од Македонија, но имаме гости и од соседна Србија. Како што имавме успешна мината сезона, така и оваа во најава е уште поуспешна“, изјави Викторија Тренеска, менаџер за продажба на хотел.
„По повод празниците нашите капацитети се 100 процентно пополнети. Најчесто ни доаѓаат гости од соседните земји Србија, Бугарија, меѓутоа имаме исто така гости кои што пристигнуваат од Полска“, изјави Зоран Јанчески, менаџер на хотели.
Од средината на мај значително ќе се зголеми бројот на странските туристи, бидејќи тие на охридскиот аеродром ќе започнат да доаѓаат со чартер летови, чиј број годинава ќе биде поголем од лани.
Сашо Нелоски
