Блиски Исток

Хамас ги објави трите барања за ослободување на заложниците

03.05.2024 11:10

Хамас ги објави трите барања за ослободување на заложниците. Конечниот одговор се очекува во Каиро. Израел ќе направи сè за победа во Газа-категоричен Нетанјаху. Борбите во Појасот продолжија. Во израелски напад во близина на Дамаск, повредени 8 војници. Пропалестинските протести се шират. Бајден порача-во Америка нема место за антисемитизам. Социоекономските влијанија од војната се зголемуваат експоненцијално, велат во ООН.

Хамас ги објави трите барања за ослободување на заложниците – загарантиран крај на војната, непопречување во враќањето на палестинските затвореници на Западниот Брег и испорака на материјали за реконструкција на Газа. Конечниот одговор се очекува во Каиро.

„Предлогот на маса ги исполнува повеќето барања што Хамас ги постави во претходните рунди преговори, па веруваме дека сега е на нив да го прифатат договорот“, изјави Метју Милер, портпарол на Стејт департментот.

Нетанјаху повторно предупреди-ќе направиме сè за победа, вклучително и напад во Рафа.

„Ќе направиме сè што е потребно за да ги победиме нашите непријатели, вклучително и во Рафа, да ја обезбедиме нашата иднина“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.

Во Газа борбите продолжија. Израелски напади и во близина на Дамаск. Погодена зграда на сириските сили, повредени се 8 војници. Пропалестинските протести се шират. САД уапсија над 2.000 демонстранти. Бајден порача-во Америка нема место за антисемитизам.

„Да се заканувате и влевате страв кај луѓето не е мирен протест, тоа е спротивно на законот. Несогласувањето е суштинско за демократијата, но не смее да доведе до неред. На ниту еден кампус, па ниту во Америка, не треба да има место за антисемитизам или закани за насилство врз еврејските студенти“, изјави Џо Бајден, претседател на САД.

Турција целосно ја прекина трговијата со Израел. Социоекономските влијанија од војната во Газа се зголемуваат експоненцијално, велат во ООН.

„Загубите од БДП-то веќе се за 25% помали во однос на проекциите. Сиромаштијата се зголеми на 60 проценти. Ако борбите продолжат индексот на човечки развој во Палестина ќе се уназади за 20, а во Газа за 40 години“, изјави Абдала ал Дардари, директор на Биро за развој на арапски држави на ООН.

Агенцијата соопшти дека реконструкцијата на Газа ќе чини околу 40 милијарди долари, а за тоа ќе биде потребен огромен напор каков што не е виден од Втората светска војна.

 

Бојана Крстевски