Избори 2024

„Европски фронт“ ќе ги повика граѓаните да гласаат на претседателските избори според сопствени убедувања

03.05.2024 15:34

По трите договори, Охридскиот, Преспанскиот и со Бугарија, од „Европскиот фронт“ велат дека ќе се залагаат за договор за економски консензус кој ќе почива на четири клучни сегменти, како конкурентна економија, одржлив развој, модерна инфраструктура, активна младина и еднакво општество...

Елми Азири од коалицијата „Европски фронт“ вели дека тие нема да поддржат ниту еден од кандидатите во вториот круг на претседателските избори, но дека ќе ги повикаат граѓаните да излезат на гласање и тие според сопствените убедувања и приоритети да решат за кого ќе гласаат.

Тој ја презентираше идејата за договор за економски консензус која ќе се преточи во реалност доколку станат дел од владата. После Охридскиот, договорот од Преспа и договорот со Бугарија евроинтеграциите се клучниот приоритет за „Европскиот фронт“, додаде Азири. Договорот ќе опфаќа пет сфери и тоа конкурентна економија и дигитална трансформација, одржлив развој и зелена трансформација, современа инфраструктура и правичен регионален развој, човечки капитал и квалитет на живот и активна младина и еднакво општество, посочи Азири

Мерките од договорот ќе создадат оптимизам и ќе промовираат забрзан економски раст, над 5 проценти годишен раст на бруто домашниот производ, одржлив квалитет на живот и подобар стандард, рече Азири. Тој се заснова на стратешката ориентација на земјата за членство во ЕУ и евроатлантската дефиниција на земјата во геостратешки контекст како членка на НАТО и стратешки партнер со САД. Овој договор рече Азири ќе ја направи Македонија пожелно место за живеење, земја која ќе ги задржува младите и ќе ја врати дијаспората, земја атрактивна за туристи и омилена за инвеститорите.

 

Фиљана Кока