„Вреди“ со порака до ДУИ: Не е крај на светот ако одите во опозиција
Поради страв, во ДУИ го загубија компасот и сакаат да предизвикаат политичка криза, велат од коалицијата на албанската опозиција „Вреди“. Изет Меџити со прашање до лидерот на ДУИ Али Ахмети – дали е вистина дека на општинските организации им наредил бојкот во вториот круг на претседателските избори?

Поради страв од поразот што ги чека, во ДУИ го изгубија компасот, а нивна единствена цел е да предизвикаат политичка криза и, за спас на корумпираните во нивните редови, да ја продолжат техничката влада повеќе од 100 дена, велат од коалицијата на албанската опозиција „Вреди“. Носителот во изборна единица еден и претседател на Демократското движење, Изет Меџити, со прашање до лидерот на ДУИ, Али Ахмети дали е вистина дека на општинските организации им наредил да го бојкотираат вториот круг од претседателските избори и покрај ветената поддршка на средбата со Стево Пендаровски?
По 8-ми ми мај ќе има влада со „Вреди“, како единствен легитимен политички претставник на Албанците, вели Меџити. Додава дека ќе има и мнозинство на Бадентер, и обезбедување на основите на Охридскиот рамковен договор, но и одговорност за сите што работеле спротивно на законите. Не можете и не смеете заминувањето на ДУИ во опозиција да го претставите како проблем за опстанок на државата, тоа е крајно неодговорно, велат од „Вреди“. Додаваат – не е крај на светот ако одиш во опозиција, а ние како легалисти и демократи, со нашиот политички кредибилитет гарантираме дека нема да има реваншизам, туку одговорност докажана преку судски постапки.
Марија Котовска
