Петте црвени линии услов за идно коалицирање со владата, велат од Левица
Потребен нов закон за бранителите со кој тие и нивните семејства ќе бидат заштитени и нема да бидат третирани како граѓани од втор ред вели носителот на листа од Левица во шестата изборна единица, Игор Димески. Во фокусот на предизборната програма на партијата е и земјоделството. Според Левица петте црвени линии ќе бидат услов за идно коалицирање со владата. Тоа се унитарноста, територијалниот интегритет и суверенитет, идентитет и секуларност и државни симболи.

Ќе направиме се барањата на бранителите од 2001 година да се институционализираат – рече носителот на листа од шестата изборна единица на Левица, Игор Димески. Според него досегашните барања на бранителите останале нереализирани ветувања од претходните влади. Посочува дека е потребен нов Закон за бранителите со кој тие и нивните семејства ќе бидат заштитени и нема да бидат третирани како граѓани од втор ред.
„Фрапиран сум на кое ниво се оставени од државата. Тие буквално се граѓани од втор ред. Законот кој е донесен е лош закон за бранителите. Но и така лош воопшто не се почитува. Потребен е нов закон“, изјави Игор Димески – носител на ИЕ 6 од Левица.
Од Левица велат дека значаен фокус во програмата ставаат на земјоделието. Третата изборна единица во најголем дел е работнички и земјоделски регион – вели носителот на листа во оваа изборна единица, пратеникот Борислав Крмов. Предлага шестчасовно работно време, бидејќи, како што вели, на тој начин работникот ќе биде попродуктивен. Посочи дека за земјоделците клучно е да има државни откупни центри, каде што ќе им биде понудена фер откупна цена. Од Левица предлагаат субвенициите да бидат во нафта, машини или семиња, а државното земјоделско земјиште да им се даде на тие што немаат своја земја. Со ваква аграрна реформа велат ќе имаме евтино производство на храна, а лебот нема да биде луксуз.
„Ние предлагаме шестчасовно работно време, тоа не е илузија, на Запад веќе го има, продуктивноста е поголема со шестчасовно работно време. Поголема заштита за работниците, подолго породилно отсуство за работничките. За земјоделците клучно е да имаме државни откупни центри“, изјави Борислав Крмов, носител на ИЕ 3.
Петте црвени линии ќе бидат услов за идно коалицирање со владата – велат од Левица. Тоа се унитарноста, територијалниот интегритет и суверенитет, идентитет и секуларност и државни симболи.
Андријана Ѓурческа
