Избори 2024

Митинг на коалицијата „За европска Македонија“ во Кочани

04.05.2024 13:46

Коалицијата за европска иднина, предводена од социјалдемократите ја продолжи кампањата за изборите. Лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски, од митингот во Кочани рече дека ја прифаќаат казната од граѓаните и учат од грешките, но, според него, давањето поддршка за ВМРО-ДПМНЕ значи враќање назад.

Уставните амандмани и договори се столбовите за внатрешната стабилност на државата и наша европска интеграција. Тоа што ВМРО-ДПМНЕ во кампањата велат дека се за нивно укинување или пишување од почеток, тоа се само зборови за да дојдат на власт, вели претседателскиот кандидат на СДСМ, Стево Пендаровски, кој порачува дека доколку ВМРО ДПМНЕ ја добие власта, демократски избори во Македонија повеќе нема да има

Во демократијата најчесто оние кои не излегуваат на гласање го одредуваат победникот, затоа е потребно масовна излезност на осми мај, порача во Кочани Сања Лукаревска, носителка на листата пратеници на СДСМ и коалицијата „За европска Македонија“ во третата изборна единица. Потенцираше дека СДСМ ќе биде запишана во историјата како партија која ја врати слободата и ја врати државата на вистинскиот пат како одговорна, граѓанска државотворна партија која донесува важни одлуки во тешки времиња

СДСМ е силна партија и во победи и во порази и во мирни услови и во кризни ситуации, порача лидерот на партијата и истакна дека ја сфатил пораката од изборниот резултат на гласањето на 24-ти април. СДСМ е заслужно за приемот на Македонија во НАТО и нема да се откаже од напорите за прием и во ЕУ

Највисок приоритет во изборната програма на СДСМ и коалицијата е стабилна, безбедна, сигурна и просперитетна Македонија чии граѓани ќе имаат предвидлива и спокојна иднина. Тоа го докажавме во време на здравствената, економската и енергетската криза кога платите ги зголемивме двојно, пензиите за 50 проценти, заштитивме 80 илјади работни места во 20 илјади компании со мерките кои ги реализиравме со 2,6 милијарди евра. Сега членството во ЕУ ни е на дофат, порача Ковачевски од Кочани, од каде побара поддршка на СДСМ и коалицијата „За европска Македонија“ на изборите на осми мај.

 

Славица Величковска