Продолжува кампањата на коалицијата „За твоја Македонија“
Коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ и кандидатката за претседател, Гордана Силјановска-Давкова ја продолжија кампањата. Силјановска-Давкова ја осуди реториката што подгрева етнички тензии пред гласањето. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски, пак, рече дека имаат индиции за полнење кутии во неколку избирачки места...

Националистичката реторика е застарен модел и не придонесува за демократското владеење, и слобода на мислата, оценува кандидатката поддржана од коалицијата предводена од ВМРО – ДПМНЕ, Македонија повторно твоја, Гордана Силјановска Давкова. Таа во интервјуто за Македонската радио-телевизија, потенцираше дека го осудува наративот што ќе ги подгрева етничките тензии, посочувајќи ги како пример скандирањата на симпатизерите на ДУИ по првиот круг претседателски избори. Силјановска вети дека доколку ја добие поддршката од граѓаните, ќе делува различно од претходните претседатели и ќе работи во интерес на народот.
Лидерот на ВМРО–ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, обвинува за нерегуларности во делот на првиот круг претседателски избори. Според него, симпатизери на ДУИ полнеле кутии на 24-ти април.
„Имаме и потврден случај во општина Липково за каде јасно управниот суд донесе пресуда каде се гледа дека волјата на граѓаните не е таа која е соодветна на резултатот“, рече претседателот на најголемата опозициска партија.
Мицкоски со апел до Обвинителството, да отвори истрага и за писмото на вицепремиерот и потпретседател на СДСМ, Фатмир Битиќи, кој според лидерот на ВМРО-ДПМНЕ го испратил до компаниите кои добиле финансиска поддршка од Владата и барал поддршка за изборите. Ова според Мицкоски е кршење на членот 353 од КЗ, бидејќи според него ја злоупотребил положбата со цел да прибави политичка корист.
Александра Спировска
