Одбележување

Одбележани 121 година од смртта на Гоце Делчев

04.05.2024 16:02

Почит за великанот. На гробот на Гоце Делчев во „Свети Спас“ одбележани 121 година од смртта на идеологот на македонската револуционерна борба...

Чествувањето на Делчев ги собра власта и опозицијата на едно место. Се поклонија на гробот на визионерот кој пред повеќе од 100 години го разбираше светот како поле за културен натпревар меѓу народите.

Опозицијата во Делчев препознава икона за национално обединување, власта вели – за неговото дело разговара историската комисија, а не политичарите. Одбележувањето и оваа година помина под силно полициско обезбедување.

Во Собранието пак на свечена академија доделена наградата „Гоце Делчев“. Добитници се професорите Роберт Хадсон и Иван Додовски за делото „Долга транзиција на Македонија: од независноста до Преспанскиот договор и потоа“, и Ана Мартиноска и Жарко Иванов за делото „Тажачки песни од скопскиот земјотрес во 1963 година“.

Наградата „Гоце Делчев“ е високо државно признание за научни остварувања од интерес за државата.

 

Анита Димитријевска – Велковска