Избори 2024

„Левица“ ја продолжи кампањата во Крушево и во тетовскиот крај

04.05.2024 17:03

„Левица“ денеска во Крушево и тетовско. Оттаму побараа поддршка од граѓаните, бидејќи сметаат дека тие ја нудат единствената промакедонска платформа на изборите...

Кампањата ја завршуваме на револуционерен ден во револуционерно Крушево, а на изборите на 8-ми мај очекуваме голема излезност на граѓаните, рече Јована Мојсовска, носителка на листата во петтата изборна единица на партијата „Левица“ која во Крушево ја отвори 50-тата партиска канцеларија. „Левица“ единствена настапува со екстензивна кампања за работничките права зашто не е во спрега со олигархијата.

Се грижиме за градежните работници и предвидуваме утврдување на минималната плата на две третини од синдикалната кошничка, рече Мојсовска која упати апел до пратениците да се откажат од патните трошоци зашто имаат доволно примања, а околу 500.000 жители во земјава живеат на работ на сиромаштијата.

Со отворањето на јубилејната 50-та канцеларија во Крушево во изборната единица 5 ја привршуваме нашата кампања. Овие избори се клучни за иднината на Македонија, изјави во Крушево претседателот на „Левица“, Димитар Апасиев. Што поголем број пратенички места што може да ги освои Левица, значат помалку штета за државата и за сите нејзини белези, рече Апасиев и побара од граѓаните на 8-ми мај да заокружат „5“ на гласачкото ливче.

Партијата Левица очекува поголема излезност на гласачите на 8-ми мај.

 

Елизабета Митреска