Избори 2024

Пендаровски: Уставните амандмани и договори се столбови за внатрешна стабилност

04.05.2024 17:35

Коалицијата за европска иднина, предводена од социјалдемократите ја продолжи кампањата за изборите. Лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски, од митингот во Кочани рече дека ја прифаќаат казната од граѓаните и учат од грешките, но, според него, давањето поддршка за ВМРО-ДПМНЕ значи враќање назад...

Уставните амандмани и договори се столбовите за внатрешната стабилност на државата и за наша европска интеграција. Тоа што ВМРО-ДПМНЕ во кампањата велат дека се за нивно укинување или за пишување од почеток, тоа се само зборови за да дојдат на власт, вели претседателскиот кандидат на СДСМ и на коалицијата за европска иднина, Стево Пендаровски кој порачува дека доколку ВМРО ДПМНЕ ја добие власта, демократски избори во Македонија повеќе нема да има.

СДСМ е силна партија и во победи и во порази и во мирни услови и во кризни ситуации, порача лидерот на партијата Ковачевски од митингот во Кочани. Тој истакна дека ја сфатил пораката од изборниот резултат на гласањето на 24 април, и оти СДСМ учи од сопствените грешки. СДСМ е заслужно за приемот на Македонија во НАТО и нема да се откаже од напорите за прием и во ЕУ, рече Ковачевски.

Очекуваме подобар резултат од првиот круг. СДСМ е силна партија, која има и процедури и демократски потенцијал да ги отвори сите дискусии и да ги анализира сите причини за резултатите, но и последиците по државата и по партијата. Јас сум сигурен дека сме една од ретките, ако не и единствена партија, која има толку демократски механизми и за дискусија и отчетен конгрес и директен избор на претседател, што сето тоа ќе придонесе да зајакне партијата, да ги збиеме редовите и да ги излеземе уште посилни од оваа ситуација“ – изјави Бојан Маричиќ.

Највисок приоритет во изборната програма на СДСМ и коалицијата е стабилна, безбедна, сигурна и просперитетна Македонија чии граѓани ќе имаат предвидлива и спокојна иднина. Тоа го докажавме во време на здравствената, економската и енергетската криза кога платите ги зголемивме двојно, пензиите за 50 проценти, заштитивме 80 илјади работни места во 20 илјади компании со мерките кои ги реализиравме со 2,6 милијарди евра. Сега членството во ЕУ ни е на дофат, рекоа социјалдемократите на последниот митинг во Кочани, од каде што побараа поддршка за коалицијата „За европска Македонија“ на изборите на 8-ми мај.

 

Миле Ристески