Костадиновска-Стојчевска во Пустец на откривање на спомен биста на Гоце Делчев
Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска изрази задоволство дека заедно со Македонците од другата страна на границата, оддава почит на еден од најсветлите ликови на нашата историја, идеолог и борец за слободна и независна македонска држава...

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, денеска во своето обраќање на свеченоста по повод откривањето на спомен биста на македонскиот великан Гоце Делчев во Пустец, Република Албанија, изрази задоволство дека заедно со Македонците од другата страна на границата, оддава почит на еден од најсветлите ликови на нашата историја, идеолог и борец за слободна и независна македонска држава.
„Делото на Гоце Делчев ги поврзува сите Македонци, каде и да сме. Ние нема никогаш да се откажеме од големите дела и големите зборови на нашите револуционери кои биле на вистинската страна на историјата, како што сме ние денес. Ние кои сме во прогресивниот табор и кои на државата и посакуваме светла европска иднина со рамноправни граѓани и среќни млади генерации“, рече Костадиновска-Стојчевска по повод откривањето на бистата на Делчев, на годишнината од неговата смрт.
Минситерката за култура посочи дека народните херои, како Гоце Делчев, и нивните идеали за слобода и рамноправност се нашиот патоказ кон Европа. Таа нагласи дека неговата визија за светот како поле за културен натпревар помеѓу народите нема никогаш да го изгубат значењето во нашето колективно постоење и во нашето настојување да создадеме сигурна, просперитетна и заедничка иднина.
Бистата на Делчев е поставена на иницијатива на Македонска алијанса за европска интеграција, МАЕИ, чиј претседател Васил Стеровски дека оваа биста е симбол на нашата непоколебливост и верба во принципите на правда и слобода.
Бистата на Гоце Делчев е изработена од уменикот Зоран Тошевски, а е поставена пред црквата „Св. Архангел Михаил“ во Пустец, на плоштадот именуван по Делчев. Како што велат од Македонската алијанса за европска интеграција, МАЕИ, со поставувањето на бистата на големиот херој, Македонците од Пустец ја потврдуваат својата верба дека вредностите за кои тој се борел остануваат живи и водилка и за денешните генерации. Поставувањето на оваа биста ќе придонесе за зачувување на македонското културно наследство и идентитет во областа Преспа.
