Филхармонијата настапува во Дебар и Струга
Почетокот на концертите е закажан за 20:00 часот во Центарот за култура во Дебар, како и во центарот „Браќа Миладиновци“ во Струга...

Македонската филхармонија како и секоја година, по завршувањето на концертната сезона ќе одржи концерти низ градовите во земјата. Така, во среда на 25 јуни 2014 година, за прв пат во своето постоење ќе одржи концерт во Дебар, а по долги години на 26 јуни 2014, ќе настапи во Струга. Почетокот на концертите е закажан за 20:00 часот во Центарот за култура во Дебар, како и во центарот „Браќа Миладиновци“ во Струга. Оркестарот на Македонската филхармонија ќе настапи под диригентско водство на маестро Борјан Цанев изведувајќи дела од: Дворжак, Брамс, Маскањи, Офенбах и други.
„Македонската филхармонија настојува на сите граѓани да им овозможи уживање во симфониското музицирање, и се трудиме да одиме секаде каде што има услови за настап на нашиот оркестар. Досегашното искуство ни говори дека во сите градови во Македонија постојат љубители на класичната музика кои со нетрпение очекуваат вакви концерти. Во Дебар и Струга оркестарот ќе се претстави со популарна програма на која се застапени композиции од светското и македонското музичко творештво“, изјави директорката на Македонската филхармонија, Маја Чанаќевиќ.
По овие концерти, планиран е настап на оркестарот во Валандово, а следат и настапите во рамките на фестивалот Охридско лето.