Шварц: Парламент без опозиција е губитна ситуација за сите во Македонија

23.06.2014 13:19

Дотолку е значајно состојбата во Македонија да се консолидира, зашто моментов се наѕира можноста на ниво на ЕУ политиката на проширувањето и на соседството да добијат нова динамика...

Скоро враќање на опозицијата во Собранието и преземање на одговорноста што и ја доделиле гласачите очекува познавачот на Македонија и Западен Балкан, д-р Оливер Шварц, професор на катедрата за европска политика на Универзитетот Дуизбург - Есен, во Германија. 

„Понудите за разговор кои беа упатени од власта до опозицијата во Македонија, убеден сум дека ќе придонесат таа многу скоро да се врати во Собранието. Треба да има опозициска, а не опструкциска политика. Затоа и е јасно дека кога опозицијата е надвор од Парламентот, тоа е губитна ситуација за сите политички партии, кои се дел од законодавниот дом. Мислам дека опозициските лидери ова веќе го сфаќаат и за кус период ќе има јасни сигнали за нивно враќање во Собранието, изјави Шварц за „Дојче веле“.

Ова е така од едноставна причина што, вели тој, само Владата не може самата да биде заинтересирана за спроведување на планираните реформи и проекти.

Ваква ситуација не може да има долг век. Не може долгорочно да функционира, што значи во вакви услови не ќе може да опстои ниту самата влада. Тоа би бил сигнал и за народот, кој и ја дал довербата, но и за дадениот мандат на опозицијата. Значи и таа, опозицијата има одговорност да го преземе овој мандат, а со тоа треба одговорно и да се однесува во различните политички институции. Она на што  бевме сведоци беа сигналите од владата до опозицијата, кои сигурно беа резултат на задкулисно водени неформални разговори. Сметам дека она што на Македонија сега и е потребно не е неформалниот политички дијалог меѓу опозицијата и Владата, туку отворениот политички разговор во формалниот форум – Парламентот. Тоа едновремено ќе биде сигнал и до Европската унија и до НАТО, но и до граѓаните, коментира Шварц.

Според него, дотолку е значајно состојбата во Македонија да се консолидира, зашто моментов се наѕира можноста на ниво на ЕУ политиката на проширувањето и на соседството да добијат нова динамика. Ова, меѓутоа, посочува, останува се уште под временски прашалник и зависи од персоналните промени во Комисијата и комесарот, кој ќе го води Директоратот за проширување.