Илјадници демонстранти излегоа на нови антивладини протести во Тел Авив
Нови, антивладини протести во Тел Авив. Демонстрантите бараат нови избори и оставка од израелскиот премиер Нетанјаху. Египетските и американските посредници објавија забележителен напредок во разговорите за прекин на огнот...

Нови, антивладини протести во Тел Авив. Илјадници демонстранти побараа владата да постигне договор за враќање на заложниците од Газа, нови избори и оставка од израелскиот премиер Нетанјаху. Антиизраелски и антивоени протести се одржуваат со денови и пред универзитети во САД, Велика Британија и други европски градови.
„Мислам дека прекинот на огнот е јасен, најважно е да се вратат заложниците и да се внесе хуманитарна помош во Газа. Во основа, израелскиот народ е заложник на десничарската влада и луѓето во Газа се заложници на Хамас и мора да има начин да се надмине тоа и да запрат борбите и убиствата“, изјави демонстрант.
„Се надеваме дека светот не слуша и знае дека народот на Израел не е владата на Израел“, рече друг.
Египетските и американските посредници објавија забележителен напредок во разговорите за прекин на огнот, но шансите за договор остануваат заплеткани со клучното прашање дали Израел ќе прифати крај на војната без да ја постигне својата цел да го уништи Хамас. Милитантната група пак, бара целосно прекинување на војната и повлекување на сите израелски сили од Газа. Во енклавата продолжува испораката на помош од воздух. Од ООН предупредија дека цивилите заробени на северот, најотсечениот дел на Газа се соочуваат со глад. Тел Авив ги негира наводите и уверува дека ја олеснува испораката.
„Кога пристигнуваат камиони со помош, добиваме малку од неа. Ни треба повеќе помош и најважното е војната да престане. Ако дојде помош и војната е во тек, ќе биде бесмислено“, вели жител на Газа.
Конфликтот избувна на 7-ми октомври, кога Хамас го нападна јужен Израел, киднапирајќи околу 250 луѓе и убивајќи околу 1.200, главно цивили. Израел вели дека милитантите сè уште држат околу 100 заложници и останките на повеќе од 30 други.
Маријана Димовска
