Избори 2024

Последни часови од кампањата за двојните избори, од утре на полноќ молк

05.05.2024 15:13

Привршува кампањата за претседателските и парламентарните избори. Од утре на полноќ во сила е молкот, пред гласањето в среда...

Финишираат претседателската и кампањата за парламентарните избори во земјава. Од утре на полноќ молк пред гласањето во среда.

Тоа што е Велигден не значи и запирање на партиските активности, презентирање на програмите на партиите, па и покажување мускули кој е посилен со поддршка на народот.

СДСМ и Коалицијата за европска иднина се во Струмица.

Коалицијата „Европски фронт“ предводена од ДУИ ќе митингува во Тетово, но таму средба со граѓани има и коалицијата „Вреди“.

На овие парламентарни избори поднесени се 17 кандидатски листи, за парламентарните избори од кои 16 на политички партии и коалиции и една од група избирачи. Севкупно, на изборите учествува 61 партија. Од нив, 11 самостојно, а 50 во пет коалиции.

Македонските гласачи го бираат и претседателот на државата меѓу двајцата кои влегоа во втор круг, Стево Пендаровски и Гордана Силјановска – Давкова.

На вториот круг од претседателските избори право на глас имаат 1.814.317 избирачи, а на парламентарните избори 1.815.350 избирачи.

ДИК веќе го дистрибуираше изборниот материјал. На денот на гласањето, граѓаните ќе можат еднаш да влезат во избирачкото место и да гласаат. ДИК првите официјални резултати ќе ги соопшти на 9-ти во четврток, 24 часа по затворањето на изборниот процес.

За вториот круг од претседателските избори и парламентарните избори на 8-ми мај, акредитирани се вкупно 1.999 набљудувачи, преведувачи и странски новинари. Најмногу акредитирани се домашни набљудувачи – 1.078.

 

Миле Ристески