Празник

Православните верници го слават Велигден

05.05.2024 17:53

Денеска е Велигден – најголемиот и најсветол празник за христијаните. Црковните камбани ја обзнанија радосната вест за Воскресението Христово. Храмовите полни, се одржаа воскресенски литургии. Поглаварот г.г. Стефан повика да го заштитиме и зачуваме она што е наше, македонско.

Православните христијани ја слушнаа радосната вест за воскресението Христово. Велигден за нив е најсветлиот празник, кога Исус Христос ја покажал својата божествена моќ и воскреснал од мртвите, симбол на нов почеток. Верниците запалија свеќа за среќа и здравје, се надеваат на посветла иднина, разбирање и меѓусебно почитување.

Да бидеме доследни на аманетот на нашите прадедовци, да не отстапуваме од она што е наше најсвето, македонско, се вели во Велигденското послание на архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан и Светиот синод.

Со свечена велигденска литургија со која чиноначалствуваше поглаварот на МПЦ Г.Г. Стефан беше одбележан најголемиот христијански празник Велигден.

 

Александра Велинова