Израел

Израелската армија ја почна евакуацијата на палестинските цивили од Рафах

06.05.2024 10:08

Израелската армија почна да ги евакуира палестинските цивили од Рафах во јужниот дел на Појасот Газа пред да почне офанзива, јави израелското воено радио. Официјална потврда нема. Вооруженото крило на Хамас ја презеде одговорноста за нападот на преминот Керем Шалом меѓу Израел и Газа.

Израелската армија ги повика жителите на Рафах да го напуштат градот. Пред долгонајавуваната офанзива, луѓето од источниот дел од градот, на границата со Египет, се повикани да заминат во камповите, неколку километри посеверно. Израелскиот премиер кој се соочува и со масовни демонстрации и барање од семејствата на заложниците да запрат воените дејствија, вети дека ќе се спротивстави на меѓународниот притисок за крај на војната.

„Денес повторно се соочуваме со непријателите наклонети кон нашето уништување. Им велам на светските лидери – ниту еден притисок, ниту една одлука на кој било меѓународен форум нема да го спречи Израел да се брани. Нацистите се обидоа да го елиминираат секој Евреин. Убијците на Хамас се водат од истата цел“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.

Преговорите за прекин на огнот и натаму без поголем исчекор. Хамас и Израел со меѓусебни обвинувања за тоа кој ги саботира разговорите. Страните остануваат несогласни околу тоа дали договорот ќе вклучува крај на војната и целосно повлекување на израелските трупи од Газа.

„Препознаваме загрижувачки сигнали дека Хамас не планира да прифати никаков договор со нас, тоа значи операција во Рафах и во целиот Појас Газа во многу блиска иднина“, изјави Јоав Галант, министер за одбрана на Израел.

Во време на кревки разговори за прекин на огнот, израелската одлука да ги затвори локалните канцеларии на телевизијата Ал Џезира во сопственост на Катар наиде на осуда од меѓународни организации.

„Ова е многу опасна одлука против Ал Џезира и против меѓународните медиуми. Јасно е дека сакаат да спречат другите да дознаат што се случува во оваа војна, во Газа, внатре во Израел, на Западниот Брег“, изјави Валид Ал-Омари, шеф на бирото на Ал Џезира за Израел и палестинските територии.

„Гласноговорникот за поттикнување на Хамас и штети на безбедноста на Израел и војниците на Израелската одбрана“, изјави Хломо Кархи, министер за комуникации на Израел.

Израелскиот парламент изминатиот месец го ратификуваше законот со кој се дозволува привремено суспендирање на странските медиуми кои се сметаат за закана за националната безбедност.

 

Маријана Димовска