„Св.Ѓорѓи“- храм од 14-ти век, привлечен за туристите
На 20-ина минути од Куманово се наоѓа еден од најпрепознатливите храмови во североистокот. „Свети Ѓорѓи“ изграден во 14-ти од век, привлечен за верниците, случајните минувачи, туристите. Во овој свет храм се врати литургискиот живот и старото византиско пеење...

Сместен сред село во Старо Нагоричане. На некои 20-ина минути од Куманово. Средновековниот храм „Свети Ѓорѓи“ се смета за непроценливо културно и духовно наследство. Градбата од 14-от век, се издвојува по базиликалната градба, фрескоживописот, камбанаријата. Денешната црква била подигната на остатоците на постар храм кој имал базиликална форма, од 11-от век. Неделите се резервирани за литургија, која ги привлекува верниците. Еден од редовните е кумановецот Христијан, адвокат по професија.
„Самото место нуди една духовна димензија која ја има секој храм, но тука некако сме сплотени, како во црквата така и надвор од неа. Се собираме си помагаме еден со друг, заедно преку некои хуманитарни мисии или секој зависно од својата професија што ја има. Се собираме делиме заедно храна, леб, разговор, си помагаме духовно и телесно“, истакна тој.
И копаничарот Стоје е еден од редовните верници кој ги следи речиси сите литургии. Вели манастирот живее, а со него и целиот североисточен регион.
„Јас овде сум често на литургијата и сите пости ги постам. Се причестувам, многу е убаво. Нешто се обидуваат да ги реставрираат и фреските, но засега сè уште нема ништо“, истакна Стоје Додевски.
За манастирот со години се грижат од кумановско осоговската епартија. Се одржуваат и крштевања и венчавки. Манастирот привлекува случајни минувачи, верници, но и странски туристи, кои доаѓаат одблиску да се запознаат со историјата, но и со фреските и иконите.
Фреските во еден од најпознатите храмови во североистокот ги изработиле тогашните најпрочуени фрескосликари Михаил и Ефтихие.
Елена Георгиевска
