Денеска гласаат болните, затворениците и лицата во дијаспората
За гласање на претседателските избори се пријавени 11 илјади 123 болни и немоќни лица, додека за парламентарните избори таа бројка е поголема за 102-јца избирачи, односно ќе гласаат 11 илјади 225 лица...

Денеска, еден ден пред изборите, гласаат болните и изнемоштени лица, затворениците и лицата во притвор чии пријави беа прифатени од општинските изборни комисии. Во дипломатско-конзуларните претставништва гласаат и македонските државјани кои се во странство.
За гласање на претседателските избори се пријавени 11 илјади 123 болни и немоќни лица, додека за парламентарните избори таа бројка е поголема за 102-јца избирачи, односно ќе гласаат 11 илјади 225 лица. Според изводот во избирачкиот список, за гласање се запишани 2 илјади 147 затвореници и лица во притвор, како и 534 избирачи во установи за вон семејна грижа и две внатрешно раселени лица.
Во дипломатско конзуларните претставништва се запишани 2 илјади 569 избирачи. Гласачките места беа отворени во 7, а гласањето ќе трае до 19 часот.
