Појас Газа

Хамас го прифати предлогот за прекин на огнот, Израел испраќа делегација во Каиро

07.05.2024 09:49

Израелски тенкови влегоа во Рафах. Медиумите во Тел Авив објавија дека одбранбените сили ја презеле контролата на градот.Меѓународната заедница се противи на офанзива во јужниот град, Израел не попуштач. Хамас го прифати договорот за прекин на огнот, но Нетанјаху оценува дека тоа е уште еден трик на милитантната група...

Израелски тенкови влегоа во Рафах. Медиумите објавија дека одбранбените сили на Тел Авив презеле контрола врз градот. Објавата следи откако Хамас го прифати египетско-катарскиот предлог за прекин на огнот. Според Израел, договорот не ги исполнува суштинските барања и е уште еден трик на милитантната група. Премиерот Нетанјаху сепак реши да испрати делегација во Каиро на преговори.

„Го испитуваме секој одговор и одговараме многу сериозно. Ја наоѓаме секоја можност во однос на преговорите за враќање на заложниците во нивните домови како централна задача што е можно побрзо и во исто време продолжуваме со нашите операции во Појасот Газа“, изјави Даниел Хагари, портпарол на израелската одбрана.

Откако Израел евакуираше илјадници луѓе од јужниот град, меѓународната заедница оцени дека акциите се неприфатливи.

„Ние кажавме многу јасно, не ја поддржуваме интервенцијата во Рафах. Загрижени сме за хуманитарното влијание“, Ентони Албанес, премиер на Австралија.

„Меѓународната заедница мора да направи нешто. Повикуваме на итен, сеопфатен и одржлив прекин на огнот во Газа. Во исто време, поддржете ја Палестина да стане полноправна земја-членка на Обединетите нации“, изјави Си Џинпинг, претседател на Кина.

„Бевме среќни со изјавата на Хамас дека го прифатиле прекинот на огнот. Истиот чекор сега мора да го преземе и Израел. Ги повикувам сите западни актери да извршат притисок врз Израел“, изјави Реџеп Таип Ердоган, претседател на Турција.

Вашингтон одново потенцираше дека не поддржуваат операција во Рафах. Потврдија дека директорот на ЦИА е во регионот на Блискиот Исток со цел олеснување на разговорите.

„Веќе некое време јасно го кажуваме нашиот став дека не можеме да поддржиме операција во Рафах како што е во моментов замислена. Не видовме хуманитарен план кој е веродостоен и кој е остварлив и веруваме дека воената операција во Рафах во моментов драматично ќе го зголеми страдањето на палестинскиот народ, цивилни жртви и би ја попречил испораката на хуманитарна помош“, изјави Метју Милер, портпарол на Стејт департментот.

Обединетите нации изразија загриженост за потенцијалното влијание на израелската офанзива во Рафах врз 1,4 милиони луѓе.

„Копнената инвазија во Рафах би била неподнослива поради нејзините катастрофални хуманитарни последици и поради нејзиното дестабилизирачко влијание во регионот“, изјави Антонио Гутереш, генерален секретар на ООН.

Преминот Рафах е главната влезна точка за хуманитарна помош во Газа, а Израел смета дека источниот дел од градот е стратешко место за Хамас. Во меѓувреме, Хезболах соопшти дека извршил напад со дрон врз град во северен Израел, загинаа двајца војници.

 

Маријана Димовска