Израел-Хамас

Израел презеде контрола врз преминот Рафа

07.05.2024 11:15

Израелски тенкови влегоа во Рафа. Медиумите во Тел Авив објавија дека одбранбените сили ја презеле контролата на градот. Меѓународната заедница се противи на офанзивата во јужниот град, Израел не попушта. Хамас го прифати договорот за прекин на огнот, но Нетанјаху оценува дека тоа е уште еден трик на милитантната група. Во Каиро, нова рунда разговори за примирје...

Израел ја почнаа долгонајавуваната офанзива и презеде контрола врз преминот Рафа меѓу Појасот Газа и Египет. Операцијата доаѓа во пресрет на новата рунда преговори за прекин на огнот во Каиро. Хамас го прифати египетско-катарскиот предлог за прекин на огнот, Израел тврди дека не ги исполнува суштинските барања и е уште еден трик на милитантната група.

„Ја бараме секоја можност во однос на преговорите за враќање на заложниците како централна задача и во исто време продолжуваме со нашите операции во Појасот Газа“, изјави Даниел Хагари, портпарол на израелската одбрана.

Израел вчера евакуираше илјадници луѓе од јужниот град, за меѓународната заедница акциите се неприфатливи.

„Последната тажна вест е дека нема договор за прекин на огнот. Хамас прифати, Израел го отфрли, и копнената офанзива против Рафа почна и покрај сите барања на меѓународната заедница“, изјави Жозеп Борел, висок претставник на Европската унија за надворешна политика и безбедност.

„Ние кажавме многу јасно, не ја поддржуваме интервенцијата во Рафах. Загрижени сме за хуманитарното влијание“, изјави Ентони Албанес, премиер на Австралија.

„Меѓународната заедница мора да направи нешто. Повикуваме на итен, сеопфатен и одржлив прекин на огнот во Газа. Во исто време, поддржете ја Палестина да стане полноправна земја-членка на Обединетите нации“, изјави Си Џинпинг, претседател на Кина.

„Бевме среќни со изјавата на Хамас дека го прифатиле прекинот на огнот. Истиот чекор сега мора да го преземе и Израел. Ги повикувам сите западни актери да извршат притисок врз Израел“, изјави Реџеп Таип Ердоган, претседател на Турција.

И Вашингтон одново потенцираше дека не поддржуваат операција во Рафа. Потврдија дека директорот на ЦИА е во регионот на Блискиот Исток со цел да се олеснат разговорите.

„Не видовме хуманитарен план кој е веродостоен и кој е остварлив и веруваме дека воената операција во Рафа во моментов драматично ќе го зголеми страдањето на палестинскиот народ, цивилни жртви и би ја попречил испораката на хуманитарна помош“, изјави Метју Милер, портпарол на Стејт департментот.

Обединетите нации изразија загриженост за потенцијалното влијание на израелската офанзива во Рафа врз 1,4 милиони луѓе. Во меѓувреме, Хезболах соопшти дека извршил напад со дрон врз град во северен Израел.

 

 

Маријана Димовска