Македонија гласа
Денеска од 7 часот граѓаните може да гласаат на двојните избори – за шеф на државата и за пратеници во Собранието...

Денеска од 7 часот граѓаните може да гласаат на двојните избори – за шеф на државата и за пратеници во Собранието. Гласањето се одвива на 3.480 гласачки места и тоа ќе трае до 19 часот вечерва.
На претседателските избори право на глас имаат 1.814.317 гласачи кои може да гласаат за еден од двјцата кандидати – Стево Пендаровски поддржан од СДСМ и Гордана Силјановска-Давкова поддржана од ВМРО-ДПМНЕ.
За да успеат изборите за шеф на државата, неопходно е на гласање да излезат повеќе од 40 отсто од запишаните избирачи односно најмалку 725.727 гласачи. Доколку биде исполнет цензусот и биде избран претседател на државата, неговата инаугурација треба да биде на 12 мај.
Во земјава денеска се одржуваат и единаесетите парламентарни избори на кои треба да бидат избрани 120 пратеници за собранискиот мандат 2024-2028 година.
Пратениците се избираат според пропорционалниот модел, при што местата се доделуваат по Донтовиот метод.
Право на глас на парламентарните избори имаат 1.815.350 избирачи запишани во Избирачкиот список.
Земјата е поделена во шест изборни единици. Во првата изборна единица има 313.183 илјади гласачи, во втората се 321. 087, во третата 275.034, во четвртата 278.721, во петтата 310.216 и во шестата изборна единица 317.109 илјади гласачи.
На овие парламентарни избори граѓаните ќе може да гласаат со заокружување на еден од редните броеви пред седумнаесетте листи на кандидатите за пратеници – 12 коалиции и пет политички партии. Листи за кандидати за пратеници имаат коалицијата „За европска иднина“ предводена од СДСМ, коалицијата „Твоја Македонија“ на ВМРО-ДПМНЕ, коалиција „Храбро за Македонија“ предводена од ГРОМ, коалиција „Европски фронт“ на ДУИ, политичката партија Левица, коалицијата од опозициските партии на Албанците „Вреди“, политичката партија Движење ЗНАМ – За наша Македонија, Единствена Македонија, Нова алтернатива Скопје, АВАЈА, Европско граѓанско движење, Македонска ера трета/Македонски независни листи – Суверенисти, Твоја партија, Родина Македонија, Десна, Демократи Скопје и Работничка партија. Дел од коалициите и партиите имаат листи само за одредени изборни единици.
