Парична стимулација за докторите што пресадуваат органи

23.06.2014 15:22

Владата ќе го мотивира тимот доктори и медицински сестри што врши трансплантација со паричен додаток. По 12 илјади денари за докторите и 6000 за средно медицинскиот персонал за секоја извршена трансплантација ќе се обезбедат преку програмата на Министерството за здравство. Донаторите на органи ткива ќе бидат ослободени од плаќање партиципација до крајот на животот...

По 12.000 денари за докторите и по 6.000 за средно медицинскиот персонал за секоја извршена трансплантација е новата владина мерка за стимулација за пресадување органи. За оваа година се предвидени 35 до 40 трансплантации од кои 25 од живи донори.  Буџетот од 5 милиони и 149 илјади денари се обезбедува преку програмата за трансплантација на Министерството за здравство. Бројот на трансплантации расте од година во година. Ако во 2011 имаше 9, во 2012- 23, лани беа вкупно 35.

„Од 1977 до 2012 на урологија се извршени вкупно 251 трансплантација, а од 2012 досега 326.Главно се работи за пресдување бубрези, а со тоа се намалуваат трошоците за дијализа,бидејќи трошоците се рамни на оние за една година на дијализа“, вели министерот за здравство Никола Тодоров

Само од почетокот на годинава 4 лица добиле бубрези од кадавер. Хуманоста и свесноста на семејствата ја надмина емоцијата, рече проф. д-р Аспазија Софијанова-Национален координатор за трансплантација.

„Тоа го прават затоа што се длабоко свесни дека со дарувањето на тие органи, дури сакаа да ги даруваат и сите органи, а не само бубрезите, знаејќи свесно дека ќе спасат и други животи, што и се случи“, вели д-р Софијанова.

Македонија чека да влезе во европско друштво преку Еуротрансплант и веќе се следи и дава рапорти за извршената работа. На супспецијализација за трансплантација 3 искусни доктори ќе специјализираат во Кембриџ, но, се уште нема кандидати според нивните високи критериуми.

Освен паричната стимулација за докторите, и донаторите на органи и ткива се ослободени од партиципација до крајот на животот.

 

Соња Стојановска