Правото на глас се оствари во затворот Кшање
Правото на глас денеска освен болните и немоќните го остварија и лицата кои во моментов издржуваат затворска казна и оние кои се во притвор. Се гласаше и во затворот Кшање во кумановско …

Мирно и без проблеми се гласаше за претседателските и парламентарните избори во затворот Кшање, кумановско. Претставниците на избирачкиот одбор информираа дека гласањето во оваа установа започнало навреме по 07 часот. Во оваа казнено поправна установа право на гласа денеска имаа 127 лица.
„Ние како комисија овде пристигнавме во 06:30 часот, во 07 веќе бевме подготвени да почне гласањето. Досега се одвива се најнормално“, истакна Нухи Арифи, заменик претседател на избирачко место.
Освен затворениците денеска правото на глас го остварија болните и немоќните лица. На ниво на Општина Куманово гласаа 420 лица. Гласањето информираа од општинската изборна комисија тече нормално, без застој. Овој пат за разлика од претходниот немаше застој ниту при подигнување на избирачкиот материјал. Но исто како и во првиот круг не се гласаше во домот за стари.
„Денеска во Куманово од утринава започна гласањето на болни и немоќни лица. Вкупно беа поднесени 450 барања, од нив 30 беа одбиени, 420 се прифатени“, истакна Елизабета Стојковска, претседателка ОИК Куманово.
Правото на глас утре во Куманово за претседателските избори ќе го остварат 93.508 гласачи, додека за парламентарните 93.635 лица. Во Куманово ќе се гласа на 167 избирачки места.
Освен Куманово гласањето се одвива и во останатите помали општини во североистокот. Денеска гласаат вкупно 505 изнемоштени и болни лица од Крива Паланка, Ранковце и Кратово. Во Липково 500 болни. Старо Нагоричане 14 лица.
Елена Георгиевска
