Конференција

Вклучен алармот за Охридското Езеро

07.05.2024 13:54

Ендемичните растителни и животински видови во Охридско Езеро може да исчезнат – експерти предупредуваат на масовната урбанизација и загадувањето...

Иако Охридското Езеро е еден од најзначајните еко-системи во светски рамки тоа со децении наназад се наоѓа под притисок на човекот. Тоа придонесува да се јавуваат промени во неговиот состав, а она што е најдраматично е појавата на некои инвазивни видови кои ќе придонесат за уништување на најзначајниот жив свет во езерото.

Научната јавност упати апел да прекине масовната урбанизација и загадувањето на езерото, бидејќи во спротивно можеме да загубиме голем број ендемични видови.

„Ако продолжиме со вакво темпо на загрозување на езерото, значи некои проценки се дека за 10 години би можеле да очекуваме постепено исчезнување на одредени видови. Сè уште состојбата е стабилна и не е дотолку драматична, но ако продолжи ваквиот тренд навистина ќе стане драматична“, изјави проф. д-р Златко Левков-Институт за биологија-Природно-математички факултет Скопје.

За да се заштити Охридското Езеро и другите еко-системи не е потребна само стратегија, туку и нејзино спроведување и почитување на законите.

„Македонија треба да има јасна визија и методологија за зачувување на квалитетот на водите, но и да има одговор и јасно поставени граници за зачувување на животната средина“, изјави проф. д-р Марија Глигора Удовиќ-Природонаучен факултет Загреб.

„Генерално во светот индустријализацијата и развојот негативно влијаат врз животната средина што како последица има засилена еутрификација на водните еко-системи. Поради тоа луѓето и државите заеднички треба да работат на нивна заштита“, рече проф. д-р Јелена Крижмариќ-Биолошки факултет Белград.

Само со добра соработка помеѓу научниците и државите, можат да се изградат механизми и да се донесе соодветна законска регулатива за да се заштитат водните ресурси, сметаат експертите.

 

Сашо Нелоски