Путин положи заклетва за петтиот претседателски мандат
Во екот на руската инвазија врз Украина, инаугурација на претседателот Путин. Положувањето заклетва без претставници од САД и голем број европски држави...

Со положување заклетва во големата палата во Кремљ, Владимир Путин и официјално го почна својот петти 6-годишен претседателски мандат. Им се заблагодари на учесниците во специјалната воена операција во Украина и на жителите кои го бранеле правото да бидат со татковината. Изјави и дека Русија е подготвена за дијалог со Западот.
„Ве уверувам дека за мене безбедносните интереси на рускиот народ ќе продолжат да бидат пред сè. Бевме и ќе бидеме отворени за зајакнување на добрите односи со сите земји, кои ја гледаат Русија како доверлив и чесен партнер. Не го отфрламе дијалогот со западните земји. Изборот е нивен – дали имаат намера дополнително да го спречат развојот на Русија и да ја продолжат политиката на агресија или пак, да бараат начин за соработка и мир?“- изјави Владимир Путин, претседател на Русија.
САД и повеќето европски земји ја бојкотираа церемонијата на рускиот претседател.
„Вистинска работа е да не присуствувам на оваа инаугурација. Мој совет беше и другите земји-членки да не го прават тоа. Ние ги оспоривме изборите затоа што не беа слободни, ниту фер, а потоа да присуствуваме на инаугурацијата, би била чиста контрадикторност“, изјави Жозеп Борел, висок претставник на ЕУ.
Сепак, седум земји членки на Унијата решија да испратат свои претставници на инаугурацијата, меѓу кои Словачка, Унгарија и Франција. Макрон одлуката ја правда со тоа што вели, Франција не е во војна со Русија. Вдовицата на рускиот опозиционер Алексеј Навални изјави дека режимот на Путин се заснова на лаги и корупција и дека мора да му дојде крајот.
„Алексеј ја користеше фразата „не лажи и не кради“ уште во 2012 година. И не само што не ја губи важноста, туку сега е и главен слоган во кој сите нормални луѓе можат да се обединат. Мораме да се осигураме дека никој во светот не верува ни во Русија, ни вон нејзините граници. Нашата земја сега е водена од лажго, крадец и убиец“, изјави Јулија Навална, вдовица на опозицискиот лидер, Алексеј Навални.
Путин првпат стана претседател на Русија во 2000 година. По два последователни мандати, во мај 2008 ја презема функцијата премиер, а по уставните измени за претседателски мандат, во 2012-та повторно застанува на чело на Русија. Шест години подоцна е реизбран, а со новите измени во уставот во 2024 добива право да се кандидира за нов мандат. На претседателските избори во Русија одржани од 15-ти до 17-ти март, Путин освои 87,28 насто од гласовите.
Бојана Крстевски
