Економија

ССК: Да се обесштетат граѓаните кои платиле повисоки цени за регистрација на возилата

07.05.2024 14:38

Дали ќе им бидат вратени парите на над 10.000 граѓани кои платија поскапи полиси, останува да решат осигурителните компании...

Сојузот на стопанските комори апелира да се најде решение со кое би се обесштетеле граѓаните кои при регистрација ги осигураа возилата за цена повисока за 15 проценти. ССК смета дека во иднина треба да постои јасна определеност која мерка е во сила и да не се носат избрзани одлуки кои би им наштетиле на граѓаните.

Дали ќе им бидат вратени парите на над 10.000 граѓани кои платија поскапи полиси, останува да решат осигурителните компании. Како што соопштија од групацијата за осигурување, фирмите не се задоволни со владината одлука од 2-ри мај за враќање на старите цени, која како што наведуваат, била донесена еднострано.

На крајот на април Националното биро, по барање на осигурителните компании реши да ги зголеми цените за автоодговорност за 15%. По ова негодуваа од Агенцијата за супервизија, кои рекоа дека поскапувањето е неоправдано, во време кога компаниите имаат солидни добивки.

Комисијата за автоодговорност донесе препораки за враќање на цените назад, кои за компаниите беа неприфатливи. Крајниот збор го имаше Владата која ги врати цените на ниво од пред 10-тина дена.

Викторија Милевска