Владата бара амбасадор за Канада
Портпаролот Александар Ѓорѓиев посочува дека се бараат квалитетни луѓе...

Кон објавениот оглас на Владата за раководни позиции се отвора уште една позиција, амбасадорско место во Канада. Портпаролот Александар Ѓорѓиев посочува дека се бараат квалитетни луѓе.
„Ние сме задоволни од одзивот на огласот. Од вчера е предвидена и нова позиција за амбасадорско место во Отава, Канада. Апелираме оние коишто се чувствуваат способни и квалитетни, во наредните 7 дена да искористат можност и да конкурираат за апликација за раководење со оваа позиција“, изјави Ѓорѓиев.
Огласот трае до 30 јуни, а се однесува за 159 раководни позиции во државната управа меѓу кои пет амбасадорски места, осум воени аташеа, 15 позиции на државни секретари во министерствата, над 20 директорски места на централни и државни органи, како и дваесетина позиции на директори на научни установи. Распишан е и оглас за над 220 членови на управни и надзорни одбори.
Досега има над 500 апликации. Најголем број се за позициите државен секретар во некое од министерствата, но има и за прв човек на агенцијата за вработување, за директор на спортската сала „Борис Трајковски“, за поголем број места во ресорот транспорт и врски.
Лидија Чакар
