Избори 2024

Денеска изборен молк, утре граѓаните гласаат на двојни избори

07.05.2024 21:12

Од ноќеска на полноќ почна изборниот молк. Македонија утре гласа на двојни избори, парламентарни и претседателски. Први, мразот го скршија болните и изнемоштените, затворениците и притворениците, лицата во старечки домови, двајца внатрешно раселени, како и дијаспората.

Изборен молк во земјава. Државната изборна комисија целосно подготвена за утрешните двојни избори, претседателски и парламентарни. Од ДИК со укажување до гласачите – само еднаш може да се појават на избирачко место и да решат, дали ќе гласаат за двата изборни процеса, или само за претседателските или само за парламентарните.

Денеска гласаа болните или немоќни, лицата кои се на издржување на казна затвор или во притвор, лицата кои се сместени во установите за вонсемејна грижа, внатрешно раселените лица и лицата од дијаспората. Дијаспората гласаше само за претседател зашто немаше доволни пријави за парламентарните избори.

На вториот круг од претседателските избори право на глас имаат еден милион 814 илјади 317 избирачи, а на парламентарните избори еден милион 815 илјади 350 избирачи.

 

Наташа Јанчиќ Менковски