Појас Газа

Израелските трупи продолжуваат со акциите во Рафах

08.05.2024 08:42

САД ги одложуваат испораките на оружје на Израел поради нападот на Рафах. Нетанјаху не ги послуша Вашингтон и Брисел и го нападна градот на југот на Газа. Од Хамас засега без одговор. Во Каиро обиди за постигнување примирје …

Операцијата на границата Газа-Египет во источен Рафах не е целосна инвазија на градот, тврдат од Белата Куќа. САД внимателно ќе го следат израелското однесување, а засега велат, акцијата не е со размер и времетраење што би можело да се изедначи со голема копнена операција. Вашингтон јасно стави до знаење дека не поддржува офанзива без кредибилен план за заштита на населението.

„Она што ни беше кажано од нашите израелски колеги е дека оваа операција беше ограничена и дизајнирана да ја прекине способноста на Хамас да шверцува оружје и средства во Газа. Нашите ставови за Рафах остануваат исти. Работиме напорно за да обезбедиме непречен проток на хуманитарна помош за повторно итно отворање на преминот Рафах и Керем Шалом. По барање на претседателот Бајден тоа ќе се случи наскоро“, изјави Џон Кирби портпарол на Советот за национална безбедност.

Контрола врз граничниот премин Рафах

Израелските трупи вчера ја презедоа контролата врз граничниот премин Рафах, откако наредија евакуација на десетици илјади луѓе. Израелскиот премиер Нетанјаху вчера рече дека не е задоволен од новиот предлог на Хамас додавајќи дека сè уште е неопходен воен притисок за ослободување на заложниците.

„Оваа операција ќе продолжи сè додека не го елиминираме Хамас во областа Рафах и во целата област Газа или до враќањето на првиот заложник. Подготвени сме на компромиси за да ги вратиме заложниците. Но, ако не се случи тоа, ќе ја продлабочиме операцијата, тоа ќе се случи низ целиот Појас“, изјави Јоав Галант, министер за одбрана на Израел.

Преговорите за примирје без исход

Преговорите во Каиро за примирје и натаму без исход. Посредници од Катар, САД и Египет на средби со делегација на Хамас. Од милитантната група велат дека нема да одговорат на воениот притисок или заканите.

„Палестинското движење и отпор нема да одговорат на ниту една иницијатива за запирање на агресијата или каков било договор за размена под воен притисок или ескалација на агресијата“, изјави Осама Хамдан висок функционер на Хамас.

Осуда за акциите на Тел Авив пристигна од меѓународната заедница која бара прекин на огнот и почитување на хуманитарното право.

„Израел има строги обврски според меѓународното хуманитарно право да обезбеди безбедност за цивилите, пристап до медицинска нега, соодветна храна, вода, санитарни услови. Неисполнувањето на овие обврски може да значи присилно раселување, што е воено злосторство“, изјави Равина Шамдасани, портпаролка, висок комесар на ООН за човекови права.

Загинати повеќе од 34.700 Палестинци

Според податоците на светските агенции, во израелската операција во Газа загинаа повеќе од 34.700 Палестинци. Војната почна откако Хамас го нападна јужен Израел на 7 октомври, кога беа убиени 1.200 луѓе, а речиси 240 беа земени како заложници.

 

Маријана Димовска