Бизнисмените од Македонија и Бугарија бараат инфраструктура

23.06.2014 20:55

Бизнисмени и градоначалници од Бугарија, како и вицепремиери од двете земји, седнаа на заедничка маса. Бараат начин како да се зголеми економската соработка и да се продлабочат бизнис – врските.

Повеќе бизнис зделки, нови договори за заеднички настап на трети пазари, поголемо искористување на ЕУ фондовите. Македонските и Бугарските стопанственици сакаат потесна соработка.

„Бугарскиот капитал се уште не е доволно присутен во македонското стопанство и во слободните економски зони, иако тие даваат многу поволности за бизнисот“ – изјави Зоре Темелковски, претседател на македонско – бугарска стопанска комора.

„Имаме огромен потенцијал за позасилена соработка, но за жал, тој потенцијал се уште е неискористен. Банките се тука, подготвени се да не поддржат, финансии има и сега полесно можеме да ги реализираме бизнис – проектите“ - изјави Цветан Симеонов, претседател на бугарска трговска комора.

Дел од домашните компании веќе подолг период работат со Бугарија, но има и такви, за кои овој наш сосед е се уште непознат пазар.

„90 проценти од нашето производство оди за извоз, меѓутоа ние извезуваме во Германија, Србија и Косово. За жал, досега со Бугарија сме немале никаква соработка“ – вели Илјо Јанев од Ариљеметал.

„100 проценти од олово – цинковиот концентрат што го произведува рудникот САСА оди за извоз во Бугарија. Тоа со години е така“ – изјави Максим Прохоров од рудникот САСА.

Авионска врска Скопје – Софија, изградба на експресен пат до Бугарија и нов граничен премин Клепало, железничко поврзување. Ова се клучните инфраструктурни проекти, потребни за позасилени економски врски.

„Крајот на 2015 или почетокот на 2016-та ќе почнеме со изградба на новиот експресен пат, од Ранковце до Крива Паланка, со четири ленти,и со ова ќе ја подобриме поврзаноста на Скопје и на Македонија со Бугарија“ - изјави Зоран Ставрески, вицепремиер и министер за финансии.

“Со Европската инвестициска банка договораме еден проект, вреден 150 милиони евра, со кој ќе бидат опфатени неколку приоритетни патишта. Ова значи дека работа ќе има и за македонските градежни компании“ -  изјави Даниела Бобева, вицепремиер за економски работи на Р. Бугарија.

И банкарскиот сектор покажува интерес за позасилено кредитирање на компаниите од двете земји.

„МБПР има доволно средства за малите и средните претппријатија и во тек е реализацијата на четвратата транша од 100 милиони евра“ – изјави Бесим Биљали од Македонска банка за поддршка на развојот.

„Ние веќе кредитираме бугарски компании кои работат на проекти во Македонија. Помогајќи ги нив, ние сметаме дека го помагаме создавањето на потесни бизнис – врски меѓу двете земји“-  изјави Иван Христов, Бугарска банка за развој.

Најголем потенцијал за соработка меѓу компаниите од двете земји, постои во индустријата и туризмот. Лани, трговската размена достигна околу 520 милиони евра, иако и двете земји разменуваат производи без висока додадена вредност. Бизнисмените од двете земји очекуваат, размената за две до три години, да надмине милијарда евра. 

Мартин Пушевски