Вучиќ и Џинпинг потпишаа изјава за градење заедница со заедничка иднина
Србија и Кина ги подигнуваат односите од ниво на стратешко партнерство на ниво на заедничка иднина. Илјадници луѓе присуствуваа на свечениот пречек...

Претседателот Александар Вучиќ изјави по средбата дека потпишаната заедничка Изјава со кинескиот претседател Си Џинпинг е насока за развој на билатералните односи „од стратешки односи кон највисок облик на соработка – заедница која зборува за заедничката иднина на две земји.
„Република Србија и НР Кина преминуваат од стратешки односи на кои успеавме да ги подигнеме нашите билатерални односи, кон Заедница и кон заедничка иднина на нашите две земји. Тоа е највисоката форма на соработка меѓу двете земји и горд сум што денеска како претседател на Република Србија успеав да го потпишам тоа“, изјави српскиот претседател, Александар Вучиќ.
Кинескиот претседател изјави дека Србија со потпишаната изјава за подигање на стратешкото партнерство ќе биде првата земја од Европа со која ќе изгради заедница со заедничка иднина во Новата ера.
„Заеднички објавивме дека ќе изградиме заедница меѓу Кина и Србија со заедничка иднина во Новата ера, што ќе отвори ново поглавје во историјата на кинеско-српските односи. Пред осум години Србија стана првиот сеопфатен стратешки партнер на Кина во Централна и Источна Европа. Денеска станува првата европска земја каде што ќе изградиме заедница со заедничка иднина“, изјави кинескиот претседател Си Џинпинг.
Тој потенцираше дека заедницата со заедничка иднина ќе има неколку чекори, меѓу кои се-Договорот за слободна трговија меѓу Кина и Србија, кој ќе стапи во сила на 1 јули годинава, поддршката на Србија во организирањето на ЕКСПО 2027, увоз на поквалитетни земјоделски производи од Србија.
Вучиќ порача дека Србија го поддржува принципот на една Кина по прашањето за Тајван и се заблагодари на Кина на јасниот став и цврстата поддршка за косовското прашање и за сите прашања покренати во ОН.
Вучиќ рече дека Договорот за слободна трговија со Кина гарантира да во следните пет до десет години речиси 95 отсто од производите што ги произведува Србија, ќе може да ги извезе во Кина без никакви царини, без никакви давачки.
Посетата на кинескиот претседател помина со невидени мерки на безбедност, него го пречекаа повеќе илјадници граѓани пред Палата Србија, а по средбата во Белград, тој ја продолжува посетата во Унгарија.
Оливер Бранковиќ – дописник за МТВ од Белград
