Нов напад врз политичар во Берлин
Берлинската сенаторка за економски прашања Франциска Гифи, од Социјалдемократската партија е повредена во напад во библиотека во германската престолнина...

Берлинската сенаторка за економски прашања Франциска Гифи, од Социјалдемократската партија е повредена во напад во библиотека во германската престолнина. Непознат маж ненадејно со торба почнал да ја удира одзади по главата и потоа избегал. Инцидентот е последен во серијата напади врз политичари во Германија пред изборите за Европскиот парламент во јуни, што поттикна повици за подобра заштита. Германските политичари со осуда за инцидентот.
„Кога зборуваме за закани по нашата демократија, не зборуваме само за позиции и содржина, туку и за луѓе. Без разлика дали се работи за локалниот совет, државниот парламент, Бундестагот или европскиот парламент. Мораме да ги заштитиме од напади сите оние коишто се залагаат за нашата демократска заедница без разлика на која партија припаѓаат. Бидејќи ако тие луѓе повеќе не се безбедни, тогаш ниту нашата демократија не е безбедна и затоа е потребно извршителите да ја почувствуваат полната сила на законот“, изјави Урсула фон дер Лајен, претседателката на Европската комисија.
