САД не даваат оружје за напад во Рафах
Вашингтон ја прекина испораката на оружје за Тел Авив, за офанзива во Рафах. Израелскиот амбасадор разочаран од одлуката. Во меѓувреме, израелската војска продолжува со уништувањето на целите на Хамас во јужниот град Рафах...

САД-најголемиот сојузник на Израел, ја прекинуваат испораката на бомби за Тел Авив сигнализирајќи загриженост за можна обемна офанзива во Рафах.
„Ќе продолжиме да го правиме она што е неопходно за да се осигураме дека Израел има средства да се брани, но бевме многу јасни дека не треба да изврши голем напад во Рафах без да поднесе план и да ги заштити цивилите кои се во борбениот простор“, изјави Лојд Остин – секретар за одбрана на САД.
Израелскиот амбасадор во ООН разочаран од одлуката.
„Постои немилосрден непријател кој сака да не уништи. Иран лансира проектили на северот, на југот. Дали е време да се наметнат ограничувања за израелското вооружување? Затоа предлагам да се обединиме против непријателот кој не опкружува“, изјави Гилад Ердан – амбасадор на Израел во ОН.
Продолжува уништувањето на целите на Хамас во јужниот град Рафах. Палестинските власти обвинуваат за гранатирање во област каде што не била извршена претходна евакуација на цивилите.
„Ние сме во центарот на Рафах, ниту на исток, ниту на запад-туку среде Рафах. Артилеријата непогоди. Со свои очи ги видов сите деца, никој не беше ниту војник, ниту имаше врска со некаква политичка партија“, изјави Палестинец.
Преминот Керем Шалом е повторно отворен, а камионите непречено минуваат-тврди Израел. ООН, пак посочија дека помош сè уште нема и нема кој да ја прими, откако работниците избегаа за време на воениот упад на Израел.
„Досега не е стигната ниту една испорака на помош. Ситуацијата е исклучително тешка. Нема гориво, а болниците во Рафах наскоро би можеле да станат нефункционални“, изјави Стефан Дујарик – портпарол на генералниот секретар на ООН.
Продолжија нападите меѓу Израел и Хезболах. Тел Авив не ја отфрли можноста за поширока војна со милитантната група.
„Се стремиме да дојдеме до решение без да дојдеме до војна, но ако ова е последното средство, ќе го сториме тоа, бидејќи мораме да ја спроведеме нашата обврска кон граѓаните“, изјави Јоав Галант – министер за одбрана на Израел.
Директорот на ЦИА, Барнс, се состана со премиерот Нетанјаху по што се врати на преговарачката маса во Каиро во обид да обезбеди прекин на огнот во Газа.
Бојана Крстевски
