Избори 2024

Гир и Вархеји ѝ ја честитаа победата на Силјановска- Давкова

09.05.2024 11:12

Во одговор на честитките, Силјановска-Давкова вели оти и таа очекува продолжување на соработката за заокружување на интеграцијата на земјава во Европската Унија.

Евроамбасадорот Гир денеска преку објава на „Икс“ ѝ ја честита победата на претседателските избори на кандидатката поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова.

„Честитки до Гордана Силјановска-Давкова за нејзиниот избор за претседател на Северна Македонија. Очекувам тесна соработка со неа за европската иднина на земјата“, напиша амбасадорот на Европската Унија во земјава во објавата.

За победата на претседателските избори Силјановска-Давкова доби честитка и од еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји.

„Со нетрпение очекуваме да работиме со претседателката Гордана Силјановска-Давкова за забрзување на потребните реформи за придвижување напред во процесот на пристапните преговори со ЕУ“, пишува европскиот комесар за проширување, Оливер Вархеји во објава на „Икс“.

Во одговор на честитките, Силјановска-Давкова вели оти и таа очекува продолжување на соработката за заокружување на интеграцијата на земјава во Европската Унија.

Според 99,82 отсто од обработените избирачи, претседателската кандидатка на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова освоила 560.170 гласа на вчерашниот втор круг од изборите за шеф на државата. Нејзиниот противкандидат Стево Пендаровски, пак, вчера добил 251.541 глас.