По победата на Силјановска-Давкова, честитки од Брисел и од соседите
Први честитки за Силјановска- Давкова и ВМРО-ДПМНЕ од Брисел и соседите. Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји очекува забрзување на реформите на патот кон ЕУ...

По победата на Силјановска-Давкова на претседателските избори, реакции и честитки од Брисел, но и од соседите. Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји очекува забрзување на реформите на патот кон ЕУ.
„Со нетрпение очекуваме да работиме со претседателката Гордана Силјановска-Давкова за забрзување на потребните реформи за придвижување напред во процесот на пристапните преговори со ЕУ“, напиша на „Икс“ Вархеји.
Со Европската комисија ќе работам на завршување на најважниот македонски стратегиски проект, врати Силјановска-Давкова.
Продолжува соработката со ЕУ
Со честитка и слична порака и евроамбасадорот Дејвид Гир.
„Честитки до Гордана Силјановска-Давкова за нејзиниот избор за претседател на Северна Македонија. Очекувам тесна соработка со неа за европската иднина на земјата“, напиша Гир.
Со исти очекувања и Силјановска-Давкова. Вели дека ќе продолжи соработката за заокружување на интеграцијата на земјава во Европската Унија.
Честитки од Пленковиќ и Вучиќ
Победата на Силјановска-Давкова и ја честитаа и хрватскиот претседател Пленковиќ и српскиот шеф на државата. Посакувајќи и успешно извршување на одговорната функција, Вучиќ е уверен дека заедно ќе работат на јакнење на врските меѓу двете држави, со цел напредок и благосостојба на двата народа и просперитет на целиот регион.
Новата македонска претседателка возврати дека заедно ќе продолжат да работат на унапредување на извонредните македонско-српски односи.
Софија ќе почека да види каква влада ќе се формира
За победата на Силјановска-Давкова реакции и од соседите. Бугарскиот претседател Радев вели дека набргу ќе биде јасно дали новоизбраната претседателка на Македонија и ВМРО-ДПМНЕ ќе работат за европската перспектива на земјата. Секогаш сум ја поддржувал европската интеграција на Република Северна Македонија, но во согласност со принципите на добрососедство и, пред сè, копенхашките критериуми за членство, а тоа би значело промена на Уставот и почитување на правата на македонските Бугари, вели Радев.
Повеќе отстапки нема никаде да правиме, изјави бугарскиот премиер и министер за надворешни работи Димитар Главчев во врска со изборните резултати во Македонија. Софија ќе почека каква влада ќе се формира, со надеж дека земјава ќе ја продолжи европската перспектива. Ставот што го имаме е паневропски, на нашите пријатели од Република Северна Македонија им е јасно дека доколку не ги исполнат условите за членство во ЕУ, нема да функционира, рече техничкиот премиер Главчев.
Изборите во Македонија во фокус на грчките медиуми
Двојните избори во Македонија и убедливата победа на ВМРО-ДПМНЕ, една од главните теми и во грчките медиуми.
Пренесувајќи ги резултатите, коментираат дека станува збор за голем триумф, посочуваат дека земјата првпат во историјата ќе добие жена претседател, но и анализираат што ќе значи доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ на власт за односите со Грција.
Милчо Велески
