Куманово без олимписки базен

24.06.2014 12:57

Цели две години кумановци чекаат на олимпискиот базен што им го вети општината. Проектот се уште не е готов, па во овие топли денови младите најчесто ги посетуваат помалите базени. Од локалната самоуправа уште со едно ветување за решавање на ветеното...

Во летните месеци на плус триест, кумановци нема каде да се разладат. Оние со подалбок џеб ги посетуваат одмаралиштата покрај реката Пчиња, додека останатите се приморани да се соочат со жештините и порачуваат до локалните власти што поскоро да се заврши изградбата на отворениот и затворен олимписки базен.

„Нема децата каде да се искапат, нема каде да излезат да се релаксираат, но ете нема што да се прави...На Куманово навистина му недостига базен. Жалосно е толкав град да нема базен“,  велат кумановци.

Од Локалната самоупрва информираат дека иградбата на базенот е на половина и додаваат дека е извесно тоа што базенот ова лето нема да биде пуштен во употреба.

„Не се реализираа работите според предвиденото заради финасиската сосотјба во која се наоѓа Општината. Но, ние ќе смогнеме сили да го завршиме проектот и упатувам апел за трпение кај граѓаните. Очекуваме да ги финализираме работите до крајот на годината или почетокот на наредната да го имаме  олимпискиот базен“, изјави Зоран Дамајновски, градоначалинк на Општина Куманово.

Во летните месеци најчести посетители на базените се учениците кои го користат летниот распуст. Од почетокот на јуни отворен е само еден базен кој беше преполн од посетители.

„Убаво е овде доаѓаме цело лето, се капеме, се дружиме со пријателите...Бидејќи нема голем базен ова лето ќе одам на базенот на Ловечки дом доколку работи или на Гарден“, велат анкетираните средношколци.

Проектот за изградба на отворен и затворен олимписки базен е капитален проект во Општината.  Започна да се гради во ноември 2012-тата и се очекуваше истиот да биде завршен до крајот на наредната година. Неговата финансиска реалзиација изнесува 105 милиони денари.

 

Габриела Димковиќ