Политика

Пораки и реакции по двојните избори

09.05.2024 12:54

Историска победа на Македонија, оцени лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски, додавајќи дека време е ДУИ дефинитивно да оди во опозиција, а Македонија покажа дека е посилна од криминалот и корупцијата. Гордана Силјановска- Давкова се заблагодари за поддршката, истакнувајќи дека ќе биде претседателка на сите граѓани. Лидерот на СДСМ го призна поразот, најави дека ќе се анализираат резултатите, се редат и оставки во партијата. Пендаровски им ја честита победа на Силјановска- Давкова и на ВМРО- ДПМНЕ…

Кај едните огромна радост и славење, кај другите безмалку траор и барање на грешките по поразот по завршување на изборите и броење на гласачките ливчиња. Цензусот постигнат, за претседателските избори и покрај бојкотот од ДУИ.

Поразени се предавствата, поделбите, тие стотина луѓе од ДУИ и СДСМ кои мислеа дека се господари на нашите животи. Нив денес ги боли главата има и зошто. Ќе одговараат до последниот, секој кој направил криминал и спровел корупција-рече во своето обраќање Христијан Мицкоски кој веднаш влегува во разговори за формирање на Влада.

Јас тврдам дека ќе се однесувам како претседателка на сите граѓани. Тоа значи на сите етнички групи, на сите членови на партиите, на оние кои не се во партиите, бидејќи не може ниту еден претседател да трага по единство, ако држи партиски линии, изјави Силјановска-Давкова.

Честитки за победата, анализирање на поразот

Во СДСМ, пак, честитки за победниците, но и анализирање на поразот. Потпретседателот Битиќи веќе поднесе оставка, а Димитар Ковачевски најави ревизија на работењето во партијата што многумина го протолкуваа како најава за оставка. Пендаровски со осуда за тивкиот бојкот, се враќа на професорската функција.

ЗНАМ на Максим Димитриевски и Левица влегуваат во парламентот. Задоволни од постигнатото, особено ЗНАМ со моментални шест мандати, а исто толку и Левица.

ДУИ со засега 19 мандати, додека коалицијата „Вреди“ со 13. Ние Европскиот фронт сме втора сила во државата. Ние всушност го имавме ВМРО-ДПМНЕ како главен противник, рече Али Ахмети, додека Касами од „Вреди“ веднаш најави дека е партнер на ВМРО-ДПМНЕ за формирање на влада.

Се очекуваат првите официјални резултати од ДИК. Следува инагурацијата на Гордана Силјановска-Давкова и Мицкоски да се зафати со формирање на владиниот кабинет.

Миле Ристески