Избори 2024

СДСМ ќе биде силна опозиција, тврди Ковачевски

09.05.2024 14:41

По поразот на претседателските и на парламентарните избори, лидерот на СДСМ, Ковачевски, најави дека ќе се анализираат резултатите...

СДСМ и Коалицијата ќе бидат одговорна, силна, принципиелна и државничка опозиција, тврди лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски, по двојниот пораз на претседателските и парламентарни избори во Македонија.

Изборите ги оцени како фер, слободни и согласно европските стандарди. На победниците од ВМРО – ДПМНЕ, нивниот претседател Христијан Мицкоски и следната претседателка на Македонија, Гордана Силјановска Давкова, им ја честиташе победата, со желба за како што рече, успешен мандат во интерес на граѓаните и европската иднина.

Со честитки до победниците и желби за успешна работа се огласи и претседателот во заминување Стево Пендаровски. Изрази жалење што неговиот концепт за мултиетничка Македонија, не добил мнозинска поддршка од граѓаните, иако тој бил уверен дека само така може да бидеме просперитетна и демократска држава.

По поразот на претседателските и на парламентарните избори, лидерот на СДСМ, Ковачевски, најави дека ќе се анализираат резултатите, се редат и оставки во партијата.

 

Марија Котовска