Парада на Црвениот плоштад во Москва на Денот на победата
Светот го одбележува 9-ти Мај, Денот на победата со што официјално беше ставен крај на Втората светска војна. На Црвениот плоштад во Москва по повод 79-годишнината презентирано најмодерното оружје од арсеналот на Путин...

Светот го одбележува 9-ти Мај, Денот на победата со што официјално беше ставен крај на Втората светска војна. На Црвениот плоштад во Москва по повод 79-годишнината презентирано најмодерното оружје од арсеналот на Путин. Русија ќе направи сè за да спречи глобален конфликт, но нема да дозволиме никој да ни се заканува, истакна рускиот челник.
„Денес гледаме како западните земји се обидуваат да ја искриват вистината за Втората светска војна. Исмејувањето на историјата, желбата да се оправдаат сегашните следбеници на нацистите – се дел од општата политика на западните елити за поттикнување регионални конфликти, меѓуетнички и меѓурелигиски судири и обид за задржување суверени и независни центри на глобален развој. Русија ќе направи се за да спречи глобална конфронтација, но во исто време нема да дозволиме некој да ни се заканува“, изјави рускиот претседател, Владимир Путин.
Во Киев пак, втора година по ред се одржува самит под слоганот „Толку силни толку обединети“ со 250 претставници од Украина и делегации од САД и Европа. Од настанот, претседателот Зеленски одново побара забрзување на процесот за преговори за пристапување во ЕУ и зголемување на соработката во Европа.
„Секој од вас може да види дека Путин дојде во нашата земја исто како што Хитлер дојде во земјите на другите народи, неиспровоциран. За жал, истото може да им се случи на нашите народи. Затоа нашата заемна помош е да се погрижиме, не само да загуби агресорот, туку и самата идеја за каква било војна во Европа да биде уништена“, изјави украинскиот претседател, Володимир Зеленски.
На 9-ти мај Европа ја слави годишнината од „Шумановата декларација“ која поттикна создавање на денешната Европска унија. Денот на Европа e неработен ден за вработените во европските институции кои годинава ги очекуваат избори. Пораки за единство, мир и просперитет упатија и европските челници.
Маријана Димовска
