Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа одбележани пред Владата
Делегација на Владата на Република Северна Македонија, предводена од техничкиот премиер Талат Џафери положи цвеќе и оддаде почит на борците од Народноослободителната борба, пред споменикот „Ослободители на Скопје“, на платото пред Владата на Република Северна Македонија.

Делегација на Владата на Република Северна Македонија, предводена од техничкиот премиер Талат Џафери, во состав со министерот за локална самоуправа, Ристо Пенов и заменичката министерка за правда, Викторија Аврамовска Мадиќ, положи цвеќе и оддаде почит на борците од Народноослободителната борба, пред споменикот „Ослободители на Скопје“, на платото пред Владата на Република Северна Македонија.
На официјалната церемонија, реализирана со воени почести, почит оддадоа и положија цвеќе и: делегација на Сојузот на борци од НОАВМ, предводена од Наум Бурески, претседател на Градскиот одбор на Сојузот на борци, од Кабинетот на претседателот на Република Северна Македонија, Билјана Блажевска, аѓутант, делегација на Собранието на Република Северна Македонија, предводена од Снежана Калевска Ванчева, пратеничка, делегација на Армијата на Република Северна Македонија, предводена од бригаден генерал Орце Јордев, како и претставници од дипломатскиот кор во државава, меѓу кои и амбасадорот на Европската Унија, Дејвид Гир, делегација на Град Скопје, претставници на политички партии.
Претходно, во церемонија со воени почести, делегации од Владата, од Кабинетот на претседателот на државата, од Собранието, од Сојузот на борци од НОАВМ, претставници од дипломатскиот кор, од Град Скопје, од политички партии, оддадоа почит и положија цвеќе на Партизанските гробишта во Бутел.
Република Северна Македонија секогаш била на вистинската страна на историјата. Така било за време на Втората светска војна, кога земјата била рамо до рамо со прогресивните антифашистички сили. Нашата држава е создадена на рушевините на фашизмот, во извојуваната слобода и со прогресивната идеја за напредок. И денес, во сложениот геополитички контекст, стоиме со сојузниците, како рамноправна членка на НАТО и идна членка на Европската Унија, темелејќи го развојот, на демократијата.
Пораката на техничкиот премиер Талат Џафери и на Владата, во чест на денешниот 9 Мај, Ден на победата на фашизмот и Ден на Европа е дека цврсто стоиме и ќе стоиме на браникот пред какви било форми на современ фашизам, коишто се закана за мирот и прогресот насекаде во светот.
