Унгарија

Орбан и Џинпинг го подигнуваат нивото на соработка

10.05.2024 09:30

Заедно ќе тргнат на златно патување во билатералните односи проширувајќи ја соработката во нуклеарната индустрија и други области-потенцира кинескиот претседател Џинпинг по средбата со унгарскиот премиер Орбан на третата и последна станица од неговата прва европска турнеја по пет години...

Унгарија и Кина го подигнуваат нивото на соработка на сеопфатно партнерство. Заедно ќе тргнат на златно патување во билатералните односи проширувајќи ја соработката во нуклеарната индустрија и други области-потенцира кинескиот претседател Џинпинг по средбата со унгарскиот премиер Орбан на третата и последна станица од неговата прва европска турнеја по пет години. Унгарија го поддржува мировниот план на Кина за ставање крај на војната во Украина-потенцираше Орбан додавајќи дека на земјата и се потребни трговски партнери.

„Унгарија повикува на итен прекин на огнот и мировни преговори и ги поддржува сите меѓународни напори за мир, вклучително и кинеската мировна иницијатива на претседателот Си Џинпинг. За Унгарците, 21-иот век повеќе не е век за губење, туку за победа, ни требаат инвеститори, трговски партнери и најнапредната технологија во светот“, изјави Виктор Орбан, премиер на Унгарија.

„Ја збогативме содржината на нашата соработка. Решивме да дадеме заедничка изјава и да го објавиме воспоставувањето на сеопфатно стратешко партнерство Кина-Унгарија за нова ера-почетна точка за промовирање на билатералните односи и практичната соработка во златното патување што ќе го продолжиме во иднина на повисоко ниво“, изјави Си Џинпинг, претседател на Кина.